До крајот на оваа недела ќе биде познато дали коалициските партнери во власта ќе излезат со заеднички консензуален претседателски кандидат или, пак, секој одделно ќе номинира свој адут. Лидерската средба што се одржа вчера во Клубот на пратениците, меѓу претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети, не понуди конкретен одговор на ова прашање, туку беше истакнато дека за евентуален консензуален кандидат ќе одлучат партиските органи и тела, кои ќе треба да расправаат за предлозите што ќе им бидат понудени.

– Има шанси да се дојде до заеднички кандидат, не е без шанси – рече Заев по состанокот со Ахмети, притоа додавајќи дека е убеден оти процесот ќе заврши со успех.

Неофицијално, за СДСМ во игра се десет кандидати, петмина од нив, како што рече Заев, се добро познати во политичките кругови и стојат одлично на партиските анкети, така што меѓу нив веројатно се крие идниот консензуален кандидат или, пак, доколку не биде постигнат договор со ДУИ, тогаш веројатно и идниот партиски кандидат на СДСМ.

Иако уште пред распишувањето на претседателските избори двете партии најавуваа консензуален претседателски кандидат, во еден период се доби впечаток дека односите меѓу СДСМ и ДУИ како да се заладија, особено по изјавите на Ахмети дека „не оди на туѓа свадба“.

– Тогаш кога ќе постои реципроцитет. Не можам да гласам или да поддржам кандидат што СДСМ ќе го гласа на конгрес – порачуваше тогаш Ахмети.

Во изјава за медиумите тој тогаш ваквите потези на СДСМ и на неколку нивни високи претставници ги оквалификува како неодговорни и некоректни.

– Ние не сме ничија патерица, ниту, пак, сме нечија опашка. Ниту претходно на Груевски, ниту сега на Заев. Направивме длабока анализа и решивме да излеземе со наш кандидат – беа пораките на Ахмети пред извесно време.

На ваквиот став на ДУИ потоа СДСМ одговори со огласот за пријавување кандидати што би биле поддржани од оваа партија.

Огласот завршува денес, а партијата треба да го обелодени својот кандидат на конгресот закажан за 3 март. Во таа насока, прв на партискиот оглас за претседателски кандидат се пријави поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов.

– Освен амбасадорот Филипов, засега нема други самокандидирани на огласот за претседателските избори – рече портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.
Претходно и партиите од коалицијата предводена од СДСМ постигнале согласност да застанат зад заеднички кандидат за претседател на државата.

– Заеднички е оценето дека на Република Северна Македонија и нејзините граѓани им е потребен вистински претседател, партнер на граѓаните, партнер на иднината, кој ќе застане рамо до рамо со прогресивните сили и Владата во процесите, кои значат напредок, иднина, економија, членство во НАТО и во ЕУ. Функцијата претседател на државата е од исклучителна важност и со таква одговорност коалицијата предводена од СДСМ пристапува и во изборот на кандидат за претседател, кој ќе работи за граѓаните и ќе ги претстaвува сите граѓани – беше истакнато во соопштението од СДСМ.

Од друга страна, лидерот на ДУИ Али Ахмети не ја отфрла можноста за избор на консензуален претседателски кандидат, но нагласува дека конечната одлука треба да ја донесат партиските органи.