Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денеска многу е веројатно дека ќе биде испратена вербалната нота од Атина до Скопје, со која ќе биде информирана македонската страна дека започна процесот на ратификација на Преспанскиот договор и протоколот за пристап на Северна Македонија во НАТО, со кој се започнати нејзините обврски.

Ова го изјави заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, во интервју за грчката АНА-МПА. Тој, исто така, увери дека оваа недела употребата на името Северна Македонија е задолжителна. Катругалос, во интервју за тамошните медиуми, ги објаснува следните чекори откако грчкиот парламент во петокот даде зелено светло за Протоколот за членство во НАТО, а на 25 јануари го ратификува договорот од Преспа.

– В понеделник ќе биде испратена вербална нота што ќе информира за ратификацијата на договорот и во продолжение Северна Македонија ќе ги информира ОН, но и сите земји-членки што ја признаа под уставното име, така што отсега па натаму признавањето ќе биде со новото уставно име. И, секако, од понеделник започнуваат нејзините обврски, во внатрешноста да ги промени имињата на улиците, на објектите, на документите што го имаат старото име, како што беше договорено – објаснува Катругалос. Алтернативниот шеф на грчката дипломатија за АНА-МПА, на прашањето дали од следната седмица соседната земја ќе биде обврзана да го користи новото име, одговара позитивно и додава дека договорот од Преспа е јасен во однос на тоа. Инаку, со членот 1 од спогодбата, земјава исто така е обврзана веднаш да ги извести и сите меѓународни организации, институции и форуми, чиј член е, дека спогодбата е веќе во сила и да побара од сите нив да го прифатат и да го употребуваат името Република Северна Македонија во вкупната комуникација. Истото тоа ќе биде побарано и од сите земји-членки на Обединетите нации, вклучувајќи ги и тие 130, кои досега во билатералната комуникација ја признаваа земјата како Република Македонија. Со оглед на очекуваниот развој на настаните, Владата уште пред десетина дена ги почна подготовките за промената на таблите на државните институции, кои, според заклучокот, треба да осамнат за 7 дена по ратификацијата на протоколот во Грција, во случајот до крајот на неделава. 

Фото: Игор Бансколиев