Фото: Игор Бансколиев

Ова што сега го прави Бугарија е токму најфлагрантен пример за кршење на европските вредности, почнувајќи од прекршувањето на меѓународното право за самоидентификација, непризнавањето на постоењето малцинства на своја територија, отворените територијални претензии кон својот сосед каде што во блиското минато чинеше и дела на воени злосторства. Бугарските државни власти целосно негираат нечија историја, култура и јазик, со апсурдно барање кон Македонија, ако сака да се зачлени во европското друштво, да признае бугарско потекло. Вакви колективни ментални матрици европската и светската историја бележат само во предвечерјето на Втората светска војна…

Сè поизвесно е бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, што на некој начин го урива кредибилитетот за европски вредности, толеранција, демократски принципи, она што токму членките на Унијата треба да го претставуваат.
Но во случајот со Грција и со Бугарија се покажа токму спротивното, дека заради „мир во куќата“ ЕУ молчешкум застана на страната на нерационалните барања на своите земји-членки кон една мала земја чија единствена намера е токму да ги споделува европските вредности.
Ова што сега го прави Бугарија е токму најфлагрантен пример за кршење на европските вредности, почнувајќи од прекршувањето на меѓународното право за самоидентификација, непризнавањето постоење малцинства на своја територија, отворените територијални претензии кон својот сосед на чија територија како фашистички окупатор вршеше и воени злосторства, а продолжува и со целосно негирање на нашата историја, култура и јазик, со апсурдно барање кон Македонија, ако сака да се зачлени во европското друштво, да признае бугарско потекло.
Лицемерно е што токму истата таа Бугарија, како членка на ЕУ, речиси со ништо не покажа дека го заслужува епитетот европска, почнувајќи од почитувањето на човековите права, правата на малцинствата, владеењето на правото, борбата со корупцијата, функционалната економија… Сѐ поочигледно станува дека ЕУ и на тоа замижува, а охрабрена од тоа, бугарската ерозија над кредибилитетот на Унијата сѐ повеќе се засилува. Но не дека нема реакции на здравиот разум, на правдата и правото, на поредокот и на процедурите. Интелектуалци од ЕУ, од европските институции, па и од самата Бугарија сѐ почесто излегуваат во јавноста.
За одбележување е вчерашниот многу сликовит пример на правење паралела со низа историски настани. Имено, со реакција на Твитер се јави и Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност, каде што за европската јавност ја „нацрта“ паралелата за она што ѝ го прави Бугарија на Македонија и за она што тоа би значело во Европа.

– Замислете Шведска да ѝ го прави тоа на Норвешка. Чесите ова да им го кажат на Словаците. Апсурдно? Да! Тоа е она што го прави Бугарија, уривајќи го кредибилитетот на политиките на ЕУ за Балканот – пишува Кнаус.
Шефот на германската дипломатија, Хајко Мас, чија земја претседава со ЕУ на меѓународната онлајн седница за Западен Балкан, во стилот на приказната „ти зборувам ќерко, сети се снао“ изјави дека „во земји што сакаат да влезат во ЕУ, нема простор за националистичка пропаганда и негирање воени злосторства“, а тоа е токму она што бугарскиот фашистички окупатор го вршеше на територијата на Македонија, а до денес со своите денационализаторски и шовинистички политики продолжува да го врши низ различни форми и методи. ЕУ и нејзините членки изјавата на Маас треба многу посериозно да ја примат, бидејќи таа не се однесува само на официјална Софија, туку и на анемичноста и индолентноста на самите европски институции. Во историјата има сведоштва дека токму со недејствувањето на меѓународната заедница и отсуството на нејзините реакции, се доведувало неправдата и теророт да се окуражат, да земат замав, а потоа последиците да бидат несогледливи.
И сега, контекстот е многу сличен, речиси идентичен. Со премолчено одобрување на ветата од страна на земјите-членки, го уриваат угледот на самата ЕУ кај земјите-кандидати, која наместо олицетворение на европски вредности, демократија, толеранција, се претвора во заштитник на нечии националистички и анахрони барања преку демонстрација на сила.
Колку на некој начин се блиску фашистички уцените на Бугарија говорат и реакциите во самата земја, каде што слободоумните граѓани не се согласуваат со блокадата на соседната земја.

– Сега, кога на Македонците во Бугарија им се нарушуваат правата, јас ќе речам „Јас сум Македонец!“ – ќе изјави бугарскиот новинар Михаил Михајлов, кој во знак на протест против угнетувањето на правата на Македонците, но и на Бугарите, Турците, Ерменците и на сите во Бугарија, чија реакција (за нас незамислива и неодобрувачка) кулминира со уринирање врз бугарското знаме?!
За несфатливото однесување на Бугарија реагираа и некои од бугарските интелектуалци, кои бараат од своите политичари да не ѝ го попречуваат европскиот пат на Македонија.
– Не гледаме како Европа може да ги разбере тезите на некои институционално влијателни бугарски научници, кои не зборуваат на јазик ниту на модерна историографија ниту на современите хуманистички и општествени науки. Меморандумот не ги одразува принципите и вредностите врз кои е изградена Европската Унија – велат во писмото интелектуалците како одговор на меморандумот што претходно Софија го испрати до земјите-членки на Европската Унија.
Пред извесно време сомнеж во европските вредности искажа и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, според кого, Македонија нема да може да ѝ верува на ЕУ ако таа ги поддржи бугарските условувања.
– Мислам дека е неевропски предизвик македонскиот јазик да стане пречка на нашата европска иднина и интеграција. Ако ЕУ дозволи на некој начин ова да биде пречка, тогаш нема да ја заслужи во своето име „европска“. Не знам дали ќе можеме да ѝ веруваме на таква Европска Унија – истакна Димитров.
Дел и од домашната јавност смета дека ЕУ ќе се држи до консензуалното одлучување и дека најверојатно тешко ќе ја спречи бугарската блокада на првата меѓувладина седница меѓу Македонија и ЕУ што се очекува да се одржи во декември.

– Одлучувањето во ЕУ – вклучувајќи го и прашањето за прием – е со консензус. Тоа значи дека, сеедно на отстапките што би се направиле, секоја членка (вклучувајќи ја и Бугарија) секој миг може да постави вето и Македонија, којзнае по кој пат, да се најде со прстот во устата. Или, што е исто, да се најде никаде и за никаде. Оттука, какви било разговори, или отстапки, губат секаква смисла. Ова треба да го има предвид секој македонски граѓанин и политичар, оти сѐ друго е само грозно замајување – наведува на својот фејсбук-профил професорот Љубомир Цуцуловски.
Како и да е, сè повеќе се мобилизира фронтот во Македонија, но и надвор, што бара од ЕУ да почне вистински да ги негува европските вредности кон сите земји што сакаат да станат дел од ова семејство, без оглед колку и да се мали. Ако почетокот на преговорите се условува со лицемерните и заканувачки политики токму од актуелните членки на ЕУ, тогаш и самата Унија нема кредибилитет да кажува колку се важни европските вредности кога и самата ги погазува. Таквите вредности и не може да се наречат вредности, туку повеќе се европски бедности увезени од земјите што никогаш не престанаа да ги сонуваат националистичките соништа.