Фото: Маја Јаневска-Илиева

Една древна мудрост вели дека добар политичар е оној што гледа јасно до ридот, додека добар државник е оној што гледа и зад ридот и зад морето. Навистина, до каде дофрла погледот на македонските политичари и државници и колку се способни тие да направат реални и остварливи анализи и проекции во функција на граѓаните и државата?

МАКЕДОНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА НА ХОРИЗОНТОТ

Македонија подготвува стратегиски документ за контурите на надворешната државна политика, кој би се однесувал на следните десет години. Според најавите, овој аналитички документ, насловен „Рефлексија 2030“, кога ќе биде изготвен ќе ги зададе надворешнополитичките приоритети на земјата во наредната декада. Идејата за стратегијата е на Министерството за надворешни работи и таа има цел да ги слушне и обедини идеите од сите институции што имаат допирни точки во процесот на градење и спроведување на дипломатските цели. Во тој правец, министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека независно на актуелните предизвици, амбиција на државата, на долг рок, е да ја зајакнеме позицијата на Собранието во креирање на надворешната политика, со фокус на градење на националните и стратегиските позиции на земјата.
– Нашите приоритети се менуваат – членството во НАТО суштински ги замени надворешнополитичките приоритети, особено од безбедносен аспект. Пред нас имаме втор стратегиски приоритет – членство во ЕУ, но и таму патеката е зададена, длабоко сме на патот и враќање нема – изјави Османи.
Покрај оваа долгорочна стратегија во сферата на дипломатијата и надворешната политика се најавува изготвување на уште два долгорочни аналитички документи. Станува збор за деветгодишната Стратегија за забрзани финансиски истраги и конфискација на имот и повеќегодишната Стратегија за либерализација и развој на финансиските пазари. И сето тоа би било во ред, но само доколку македонските политичари ги извадат розовите очила и погледнат во реалноста, која ни малку не е охрабрувачка. Имено, долгорочното планирање на државните политики е одлика на силни, моќни и стабилни држави и демократии, кои не препуштаат ништо на случајноста и однапред ги поставуваат насоките по кои ќе се движат.

За жал, Македонија од своето осамостојување не може да се вброи во нив. Македонските политичари од власта и од опозицијата не можат да се договорат и усогласат дури и за најситни банални работи од дневен карактер, а камоли да носат долгорочни стратегии со важност од 10 години. Ќе споменеме само неколку најсвежи показатели.
Македонските партии мака мачат да ги усогласат своите позиции за резолуцијата со Бугарија, да го усогласат буџетот за наредната година, па дури и да постигнат договор на кој датум точно би се одржале локалните избори и пописот. Кога не можат да се договорат за датумот, дали да биде 10 дена порано или подоцна, како тогаш ќе се договорат за долгорочна стратегија со важност од 10 години?
Во контекст на актуелните случувања, дипломатите и политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека во нашата држава владее специфична клима, која не е одлика на развиените демократски општества. Според нив, ние имаме практичен проблем во функционирањето на земјата кога станува збор за стратегиски документи што треба да се во сила со декади, а тоа произлегува од случувањата на дневната политика. Се добива впечаток дека нашите политичари во суштина не можат да одржат најобична избалансирана и заедничка политика долга десет дена, како на пример со случајот со резолуцијата со Бугарија, а камоли да спроведат долгорочен процес.
Дипломатот Драган Јањатов вели дека документот што сега се изготвува ѝ е неопходен на нашата држава, но тој, за жал, доцни со децении.
– Да се разбереме, секој стратегиски документ е добредојден за земјата, ако во себе ја содржи вистинската формула со содржини, цели и анализи и ако истиот тој е испишан од експерти од фелата и вистински познавачи на случувањата. Но доколку овој документ е аматерски составен, нема да ѝ донесе ништо добро на земјата и ќе биде залудно трошење хартија – вели дипломатот.
Јањатов истакнува дека сеопфатниот надворешнодипломатски документ во себе би требало да ги има долгорочните размислувања на земјата по низа битни точки.
– Имено, документот не би требало во себе да ги има флоскулите за ЕУ и за НАТО, дури тој не би требало ни во фокусот да го има само прашањето со Бугарија. Оваа стратегија, ако навистина сака да биде наречена така, треба да ги содржи одговорите на Македонија врз прашањата какви што се на пример како да постапиме во евентуалниот негативен развој на процесот меѓу Белград и Приштина.

Потоа како да реагира Македонија ако Албанија и Косово или, пак, Република Српска и Србија се присоединат во големи земји. Кои се нашите долгорочни политики на градење доверба со западните, но и со источните велесили, како да одговориме на климатските промени, на тероризмот, на битката за обновливи извори на енергија, дали треба да изготвуваме свои нонпејпери и како да ги употребуваме… Сѐ на сѐ, овој документ треба да биде огромен, а во него да се впишани сите процеси што можат да се случат во наредната декада – вели Јањатов.
Тој подвлекува дека ако стратегијата е квалитетно изработена од МНР, тогаш истата таа треба да биде поддржана и од Владата и од парламентот и наедно за неа би требало да има и национален и партиски консензус ако очекуваме овој документ да остане политички „жив“.
Јањатов резимира дека партиите не секогаш се водат од национални интереси и стратегиски документи, туку тие се водат од сопствени интереси да ја освојат власта и затоа треба да се најде и механизам како да се „зауздат“ тие да не му наштетат на овој процес.
Дипломатот вели дека една светска мудрост треба да нѐ води низ овие процеси кога говориме за изготвување државна стратегија, а таа вели дека добар политичар е само оној што гледа јасно до ридот, но добар државник е оној што гледа и зад ридот и зад морето.
Политикологот Синиша Пекевски е мошне остар во своите тврдења кога вели дека нашата држава нема константна политика за 10 дена, а камоли па да употребува една иста стратегија цела декада, која се однесува за битни прашања.
Тој вели дека за да се анулираат овие аномалии на домашната политика, политичарите треба да сносат длабока одговорност и опипливи последици.
– Ако сакаме да имаме успешни и долгорочни стратегии, јас предлагам да се „казнуваат“ партиите ако поради нивните интереси блокираат одреден процес. Ако не дејствувате организирано, како на пример со резолуцијата кон Бугарија, треба од буџетот да се избрише ставката за финансирањето партии како казна. Ако не гласаат за закони, да не може пратениците да идат на одмор, ако не го изгласаат буџетот, да немаат плата оние во Владата и во парламентот… – вели Пекевски.
Тој објаснува дека само на ваков начин би можеле да се имплементираат одредени стратегиски документи, но додава дека и содржината на овие елаборати треба да е вистинска, односно таа да биде ефективна и професионална, а не да е памфлет со намери и празни флоскули што никој нема да ги почитува.

[email protected]