Во нашето општество денес повеќе од кога било се јавува потребата за проверка на фактите и нивно адекватно пласирање и вреднување. Во таа насока, значењето и улогата на печатените медиуми со голема традиција е од непроценлива важност за граѓаните и за државата

Денот на проверка на фактите, 2 Април, кој се одбележува веднаш по првоаприлскиот Ден на шегата, или лагата, претставува глобален повик на акција за вреднување на пренесувањето на фактите. Овој датум особено е битен во период кога Македонија и светот секојдневно живеат со наплив на невистинити информации поврзани со пандемијата, политиката, но и други сфери од општественото живеење.
Токму затоа во нашето општество денес повеќе од кога било се јавува потребата за проверката на фактите и нивно адекватно пласирање и вреднување.
Тоа е неопходно за доброто на сите, бидејќи единствено со факти и со вистини ќе се анулира штетното дејство на феноменот на лажните вести, кој носи непроценливи штета на сите сегменти од живеењето.
Во таа насока, комуниколозите се едногласни дека превенирање од феноменот на лажните вести најдобро може да се изврши преку дејствувањето на професионалните медиуми, со особен акцент на печатените.

Експертите од оваа област се согласуваат дека и досега се направени клучни чекори за создавање услови за практикување на стандардите и принципите за професионална работа на новинарите и медиумите. Секако, има уште доста да се работи на тој план, вклучувајќи и на полето на проверката на фактите и медиумската писменост, а токму тоа е улогата на професионалното новинарство.
Печатените медиуми преку нивните уредувачки колегиуми и својот професионален кадар, кои го практикуваат Кодексот на новинарите, секојдневно вршат кристализација на гласот на јавноста, на гласот на граѓаните, се храбар граѓански опсерватор на вистинските факти и коректор на јавните политики. Затоа, секоја држава има национален интерес во името на граѓаните да ја поттикне седмата сила (медиумите) и да создаде услови токму медиумите да бидат силен фактор за општествен просперитет, дијагностицирање и анализа на појавите или проблемите и нудење решенија во интерес на граѓаните. Таквиот вид инклузивно новинарство е и новиот тренд на седмата сила, кое се потпира на професионалност, вистинитост, детална опсервација и проверка на фактите, стручна анализа и заклучоци. Токму таков новинарски приод практикува и првиот македонски дневен весник, со децениска традиција и наталожено искуство.

Комуникологот и специјалист за односи со јавноста Бојан Кордалов во изјава за „Нова Македонија“ вели дека најголемите надежи за ширење на фактите и вистината, наспроти штетното дејствување на дезинформациите, лежат токму во професионалните медиуми.
– Пред сѐ печатените, но и електронските професионални медиуми имаат кредибилитет, а тој е единствениот носител што на читателите или гледачите може да им помогне да утврдат што е вистина или не. Потписот на новинарот и името на медиумот во развиените држави се главниот фактор што на публиката ѝ детерминира дали чита вистинита вест или лажна – вели Кордалов.
Тој објаснува дека медиумите креираат вистинита информација, а социјалните мрежи креираат содржина што не секогаш е вистинита.
– Јас повеќе години го застапувам ставот дека улогата на традиционалните медиуми, кои се сега и дигитално активни, е огромна во нашето општество, а таа уште повеќе ќе нараснува во периодот што следува, додека живееме во вакви услови. Тие се одредница за тоа што е факт или вистина, а професионалниот потпис е гарант за сѐ што се публикува – заклучува тој.
Во своја изјава на темава, норвешката политичарка Трине Скеи Гранде истакнува дека во војната, вистината е првата жртва, а ние живееме во време во кое борбата против лагите е многу важна. Таа информира и дека годинава ги номинирала проверувачите на факти за Нобеловата награда за мир.
Инаку, Меѓународниот ден за проверка на фактите се одбележува од 2017 година, од страна на Меѓународната мрежа за проверка на факти во соработка со над сто организации низ целиот свет.

[email protected]