Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во амбиент на наша институционална молчаливост спрема сите спорни (дури и очигледно лоши) политички рефлексии од склучените договори со соседите, оцените и ставовите на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, по овие прашања направија „далги“ на застоените институционални води и ја „разбрануваа“ веќе воспоставената политички биполарна перцепција за перспективите на соседските договори…

МАНУ го скрши мразот за институционалната перцепција на договорите за добрососедство

Прифатени и оспорувани, оценувани и како оправдани, но и како неоправдани, билатералните договори за пријателство со соседите Бугарија и Грција речиси четири години несомнено имаат доминантно влијание во позиционирањето на односите во партиско-политичкиот амбиент во Македонија. Притоа, цело време доаѓа до израз нашата карактеристична општествена биполаризираност, токму во перцепцијата на споменатите меѓународни договори, но и за поддршката на политиката на нивното спроведување. Неоспорни беа индивидуалните и групните реакции на интелектуалци, некои од нив и како дел од институциите. Но за издвојување е впечатокот дека и покрај сите историско-идентитетски оспорувања на македонскиот народ и држава од страна на соседите, кои произлегоа токму врз основа на тие договори, тоа како да не беше доволна причина за официјална силна и недвосмислена јавна реакција од националните, државни институции како такви.

Македонија е „центар за регионална дестабилизација“

Во така создадениот контекст на институционална некритичност спрема сите спорни (дури и лоши) политички ефекти од договорите со соседите, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, со своите оцени и ставови по овие прашања ја разбранува веќе воспоставената политичка биполарна перцепција за перспективите на соседските договори. За разлика од процената на официјалните македонски политичари и поддржувачи на договорите со Бугарија и Грција, дека придонеле во пацифизација на регионот на Западен Балкан, првиот човек на МАНУ, академик Коцарев ја спротивставува констатацијата дека тие се „извор на дестабилизација на регионот“. Понатаму дури поставува и предупредувачки согледувања дека договорите се недостоинствени за граѓаните на Македонија, односно дека Македонија е „центар за регионална дестабилизација“ како резултат на геополитичките игри на големите сили, кои ја претвораат во поле на своевиден експеримент.

Коцарев: „Бродот наречен Македонија полека но сигурно тоне“

Земајќи ги предвид домашните политички превирања, академик Коцарев предупредува дека „бродот наречен Македонија полека но сигурно тоне“.
– Во доминантниот дипломатски дискурс на нашите политичари, стабилноста и просперитетот на Македонија се разгледуваат во контекст на членството во ЕУ. Притоа, за жал, доминантен е стереотипот дека овој процес ја стабилизира и мотивира демократската, економската, општествената и безбедносната трансформација на Македонија. Од друга страна, во текот на последниве децении, регионот, не само Македонија, вклучувајќи ги и државите што веќе се во ЕУ, и покрај политиката на проширување, постигна мал, речиси незначителен напредок во клучните области на ЕУ. Можеби неколку децении се мал период, но впечатокот на многумина, вклучувајќи ме и мене, е дека бродот наречен Македонија, со секоја измината година, полека но сигурно сѐ повеќе тоне. Ако во процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, Македонија се соочува со барања и/или реформи што не ги исполнуваат многу други ЕУ-држави, ако некои од напредните западни демократии го загубија кредибилитетот да кажуваат што се демократски вредности кога и самите тие не ги почитуваат, ако Македонија се соочува со, благо кажано, бесмислени и апсурдни уцени, што ни останува нам? МАНУ треба да создаде форум за отворена академска дебата, на која ќе се слушнат различни мислења, а ниту една тема, па ни Преспанската спогодба, не смее да се третира како табу-тема. Нема потреба од идеализираниот пристап според кој спогодбите се исклучиво штетни/корисни, спогодбите не се запишани во камен, а нивната вредност се мери само преку тоа колку даваат одговор на предизвиците и потребите на општеството – вели во едно интервју претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.

Неопходен е научен пристап при анализа на политичките процеси

Најавите на академик Коцарев за научна преоцена на Преспанскиот договор, не исклучувајќи ја можноста тоа да се случи и со Договорот за добрососедство со Бугарија, предизвикаа реакции во македонската политичка јавност, кои од една страна ваквите намери на првиот човек на МАНУ ги квалификуваа како политички неопортуни и несоодветни за европската перспектива на Македонија. Сепак, друг дел од јавноста на ставовите на претседателот на МАНУ гледа како на позитивен исчекор на највисоката научна институција во Македонија во институционалната перцепција на соседските договори.
– Досега МАНУ беше поставена многу сервилно во однос на спроведувањето на политиките што водат кон дерогирање на државата. Искажувањето на ставовите на претседателот на МАНУ за политичките процеси во Македонија, предизвикани од своевидниот императив за спроведување на обврските од договорите со Грција и со Бугарија, претставува светла точка и добар исчекор од досегашната официјална позиција на Академијата. Добро е што интелектуалците собираат сила да се спротивстават на политичкото дерогирање на македонската држава, на сите оспорувања на македонскиот национален идентитет и укажуваат на други алтернативи и можности за иднината на Македонија. Храбро е укажувањето на академик Коцарев дека ЕУ не е единствената алтернатива за Македонија во мултилатералниот свет, кој функционира според девизата „нема вечни пријателства и непријателства, вечен е само интересот“. Македонија, при воспоставувањето соработки и пријателства, треба повеќе да се насочи кон сопствениот интерес и да го користи принципот на еднаква сувереност, според кој функционира современиот свет, независно од големината на земјата и бројноста на населението.

Надворешната политика на новата карта на мултилатералниот свет значи соработка со сите, односно активен мултилатерализам, и Македонија треба да ја приспособи својата надворешна политика на тој нов тренд. Тоа значи соработка со сите на еднаков принцип, а прашањата за кои нема согласност да се остават настрана. Или, конкретно, со еден пример: какви малцински права бараат соседите во Македонија, исти такви права треба да добијат и Македонците кај нив. Светот е премногу голем да се сведеме само на една опција – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
Универзитетската професорка Солза Грчева, која и самата е политички активна, проценува дека изнесените ставови на академик Коцарев се своевидна најава дека МАНУ влегува во офанзива на темите за заштита на македонскиот национален идентитет и претставува потврда на некои претходни чекори на Академијата (како Промеморијата за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ и ставовите на МАНУ во врска со реформите во образованието) дека национална институција стои зад овие ставови.
– Секогаш сум инсистирала на научен пристап при анализа на политичките процеси. Особено ме радуваат во повеќе наврати изнесените тези на претседателот на МАНУ, за политичките процеси во последниве години во Македонија, предизвикани од договорите со соседите. Забележлив е и одреден внатрешен отпор во МАНУ за критичките ставови на претседателот спрема соседските договори, но позитивно е што се создава една поголема група академици што го изразуваат својот отпор, заснован на научни аргументи. Треба да биде освестувачко за политичарите дека на договорите не смее да се гледа како на догма, туку дека треба да се процени што ни носат како придобивка, а што губиме. Во меѓувреме, додека Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија ни се главните политички теми во Македонија, државата ни тоне по сите основи.

Иако државата не покажува напредок на патот кон ЕУ, ниту приближување кон исполнување на критериумите за членство, нашите политичари постојано повторуваат дека „ЕУ ни е единствената опција“. Зошто ни се политичари со една опција, кои одат исклучиво во една насока? Пандемијата ја покажа најилустративно таквата губитничка политика, преку неспособноста на политичарите да набават вакцини. Политичката практика во Македонија не се менува со промена на партиите на власт и се потпира на излезната варијанта на секој губитник – се чека некој да дојде и да го спаси! Со таква ментална матрица беа потпишани и договорите со соседите, за кои веруваа дека веднаш ќе нѐ внесат во НАТО и ЕУ, така и сега се однесуваат во справувањето со пандемијата. Треба самите да ги отвораме вратичињата, ако ни е затворена големата врата. Претседателот на МАНУ укажува на неопходноста од активирање на сопствените можности, знаење, но и чување на националното достоинство – вели професорката Солза Грчева.
Обид да се отстрани ветото за почеток на преговорите

Сепак, Грчева не верува дека пораките од МАНУ ќе допрат до политичарите, но сигурна е дека ќе имаат големо општествено влијание.
Во актуелните политички превирања во односите со Бугарија, како обид да бидат одоброволени да го отстранат ветото за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, соговорниците упатуваат на придржување на искажаните позиции на академик Коцарев.
– Државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава. Ваквиот избор нема да имплицира неправда кон државата Македонија ниту нанесување каква било штета, напротив, тој ќе значи поголемо почитување од другите држави. За нас, Македонците, ваквиот пристап ќе значи само спокој и достоинство – порачува Коцарев.