Фото: Игор Бансколиев

Првично лидерот на Левица, Димитар Апасиев, јавно во телевизиска емисија обелодени дека имал сознанија за купување пратеници, а потоа истото тоа го повтори и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Индиции за поткуп на пратеници

Јавното обвинителство чека пријава за евентуално да отвори постапка за наводниот обид за поткуп на пратеници, на што деновиве алармираа лидерите на две политички партии, тврдејќи дека актуелната власт нуди пари, недвижнини и амнестии за судски случаи на пратеници од редовите на опозицијата за да преминат на нивна страна. Првично лидерот на Левица, Димитар Апасиев, јавно во телевизиска емисија обелодени дека имал сознанија за купување пратеници, а потоа истото тоа го повтори и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

– Навистина се згрозувам од тоа што некои од пратениците ми го пренесуваат за тоа како им приоѓаат луѓе што се претставуваат во името на луѓето што се дел од раководството на СДСМ, па нудат разни привилегии за нив, за нивните семејства, се споменуваат шест-седумцифрени бројки изразени во евра, амнестии за судски случаи итн. Навистина сето тоа предизвикува брутално згрозување не само кај тие луѓе туку и кај мене – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Од оваа партија до затворањето на весникот не добивме одговор дали ќе поднесат пријава во ЈО за поткуп на пратеници.
За владејачката СДСМ, пак, тврдењата на Мицкоски за обид за поткуп на пратеници се само за да се оправда од изборните порази.

– Залудно Мицкоски се обидува со лажни тврдења да бара алиби, со единствена цел да ги оправда сопствениот континуиран политички неуспех и изборен дебакл што го доживеа. Македонските граѓани на фер и демократски избори одлучија земјата да продолжи напред, по патот што го трасираше Владата предводена од СДСМ. Станавме членка на НАТО, граѓаните одбраа да станеме членка и на ЕУ, граѓаните одбраа да продолжи растот на платите, да има економска стабилност и развој, да има правда и одговорност за сите еднакво – реагираат од СДСМ.
Претходно истото тврдење за обид за поткуп на пратеници го изнесе и претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
– Во моментов додека зборуваме се прави обид за купување пет пратеници од страна на СДСМ. Јас ги знам и по име и по презиме и по детали. Се подмитуваат со станови во Скопје, сумата се движи од 100 до 500 илјади евра за да преминат во таборот и сето ова е недозволиво во еден систем што претендира да биде европски – изјави неодамна Апасиев.

Тој појасни дека чека да стекне пратенички имунитет за да ги каже своите сознанија за поткупот од собраниската говорница, за да избегне кривично гонење.
Од Јавното обвинителство за „Нова Македонија“ изјавија дека ги следат информациите во врска со евентуалниот обид за поткуп на пратеници и дека ќе постапат ако утврдат постоење на кривично дело.
– Јавното обвинителство ги следи сите информации и ќе постапува доколку биде утврдено дека е сторено кривично дело. До овој момент до Јавното обвинителство не е пристигната пријава за ваквите наводи – велат од Обвинителството.
Според поранешниот јавен обвинител Ставре Џиков, Јавното обвинителство кога ќе чуе од некоја личност изјави за сторен криминал, треба да ја повика таа личност на претходна постапка за да даде изјава во врска со своите сознанија.

– Станува збор за сериозни изјави на двајца политичари. Обвинителството треба оперативно да работи и да ги повика двајцата лидери на партии добронамерно да се изјаснат со изјава за своите сознанија. Мора конкретно и оперативно да се утврди нивната изјава – вели Џиков.
Тој додава дека постапувањето по допрен глас е само еден елемент, а давањето изјава е друга постапка.
– Тие што дале таква изјава во јавноста треба да бидат повикани во Обвинителството, или, пак, сами да отидат таму и да помогнат во откривањето на евентуален криминал. Брзата реакција е потребна за да се спречи бришење на разни докази во целата постапка, повлекување на понудата и слично – појаснува Џиков.