Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во пресрет на почетокот на здравствено безбедна учебна година, тензиите растат

Надлежните истакнуваат дека одамна тлее уште еден горлив проблем од финансиска природа, кој дополнително го усложнува практикувањето на протоколите за здравствената превентива во училиштата. Имено, проблем е фактот што има многу училишта во Македонија, кои нема да можат да ги набават потребните средства за одржување на хигиената, со оглед на тоа дека сметките им се блокирани поради долгови. Протоколите и моделите за тоа каква настава ќе започне да се изведува од 1 септември, кои ги изработи Министерството за образование и наука (МОН), ги разгледува Комисијата за заразни болести, која треба да каже како ќе изгледа образованието од претстојнава учебна година. Она што го истакнуваат надлежните како проблем, е фактот што има многу училишта во Македонија, кои нема да можат да ги набават потребните средства за одржување на хигиената, со оглед на тоа дека сметките им се блокирани поради долгови. Заменик-министерка за образование и наука Елизабета Наумовска вели дека свое мислење за организацијата на наставата треба да даде и Заедницата на единици на локална самоуправа, зашто најголемиот товар за организацијата на наставата ќе биде врз општините и училиштата.

– Има три опции. Настава со физичко присуство, комбинирана настава што подразбира и физичко присуство и учење на далечина, како и целосно учење од дома. Од ЗЕЛС треба да кажат кој модел каде би можел да се примени со оглед на тоа дека градските и руралните училишта не функционираат исто. Има училишта со блокирани сметки, кои не знам како би купувале средства за хигиена. Ќе има промени и во организацијата на превозот на учениците. Превозникот ќе треба да обезбеди уште еден автобус или комбе за да може да ги распореди учениците, за да нема метеж. ЈСП, пак, ќе треба да пушти повеќе автобуси во периодите кога има поголем број патници што се превезуваат. Сите ученици ќе треба да носат маски додека се возат – информира Наумовска.

Сѐ уште не се знае дали часот ќе трае 20 минути или како што беше и досега, 40 минути. Имаше многу реакции меѓу родителите за тоа кој ќе ги чува децата додека се тие на работа. За ова, Наумовска вели дека е можно повторно да важи одлуката родител да седи дома ако има дете не постаро од 10 години, но за тоа конечна одлука ќе има деновиве.
Процедурата наложува МОН да предложи протоколи, за кои мислење треба да даде Комисијата за заразни болести, по што кризниот штаб ќе достави предлози до Владата, која ќе го има крајниот збор. До почетокот на новата учебна година има уште 20 дена.