На 30. совет на европските зелени, кој се одржа од 8 до 10 ноември во Тампере, Финска, беше усвоена итна резолуција за почнување на пристапните преговори на Македонија и Албанија со ЕУ. Во резолуцијата се истакнува:

„И покрај континуираните препораки на Европската комисија, Европскиот совет веќе неколку пати не дозволува да почнат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Двете земји беа уверувани дека преговорите ќе може да почнат кога тие ќе ги исполнат барањата. Северна Македонија и Албанија ги исполнија тие барања, но Европскиот совет го прекрши ветувањето на Европа. Со декларацијата од Солун донесена во 2003 година, ЕУ јасно го изрази ставот дека земјите од Западен Балкан треба да се интегрираат во евро-атлантските структури и да станат членки на Европската Унија. Северна Македонија вложи исклучителни напори за да ја отвори вратата кон Европа со склучувањето на билатералните договори со Бугарија, а особено со историскиот преспански договор со Грција. Земјата направи исклучително тешки и истовремено многу храбри чекори за да се надминат децениската блокада и безизлезноста. Но, европскиот совет направи страшно предавство спрема земјата наместо да ги награди овие напори. Одреден број земји членки се премислуваа и во минатото, што е неприфатливо. Овој пат Франција, Данска и Холандија ја блокираа Албанија, а само Франција ја блокира Северна Македонија. Со овие одлуки е направена грешка со историски димензии. Ги повикуваме нашите членки – зелените партии во Холандија, Франција и Данска, да извршат влијание врз нивните влади да не ги блокираат пристапните преговори. Европските зелени не го прифаќаат ова статус кво. Ние ги поддржуваме напорите на нашите партнери во Северна Македонија и Албанија за вклучување на земјите во европското семејство на нации, а особено ги цениме напорите на нашите членки Демократската обнова на Македонија (ДОМ) во Северна Македонија и Partia e Gjelbër во Албанија. Ја повторуваме и истакнуваме нашата цврста решеност да се повлече ветото што ги затвори вратите за овие две земји. Европските еелени го повикуваат европскиот совет уште пред самитот во Загреб во мај во 2020 година да се наврати на темата за проширувањето, а негативните одлуки да бидат повлечени. Му се заблагодаруваме на финското ротирачко претседателство со ЕУ за напорите да се надмине оваа блокада и го повикуваме хрватското претседателство да направи сè што е потребно за најпосле ЕУ да го одржи ветувањето дадено на своите соседи во Западен Балкан – Северна Македонија и Албанија“.