Неодамнешното објавено истражување на женевскиот институт за меѓународни и развојни студии „Смол армс сурвеј“, во својата последна анализа заклучува дека од 100 граѓани на Македонија дури 29,8 поседуваат оружје?!

Истражување на швајцарскиот институт за меѓународни и развојни студии „Смол армс сурвеј“

Граѓаните на земјите од регионот поседуваат големи количества парчиња оружје од различен калибар, од кои дел е легално вооружување, а дел нелегално. Тоа го покажаа многубројните истражувања, меѓу кои и неодамнешното на женевскиот институт за меѓународни и развојни студии „Смол армс сурвеј“, кое во својата последна анализа заклучува дека од 100 граѓани на Македонија дури 29,8 поседуваат малокалибарско оружје.
За споредба, во светот на прво место се САД каде што од 857 милиони огнено оружје во цивилни раце се речиси 393 милиони. Во однос на регионот околу нас, врзано за оваа проблематика, бројките се исто така значително високи. Во статистиката на истражувањето, Македонија е позиционирана како 13-та во светската листа. Пред нас се рангирани Србија, Албанија и Црна Гора.
Во контекст на актуелните случувања, за забележување е фактот дека речиси идентични податоци како „Смол армс сурвеј“ неодамна објави и Центарот за контрола на лесно оружје во Југоисточна Европа, кој, пак, информира дека на просторот на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и на Србија во просек има 30 парчиња оружје на 100 жители, што е дури за 15 проценти повеќе од светскиот просек.

Во своја анализа на темата, белградскиот неделник НИН, пак, објаснува дека вообичаено 75 отсто од оружјето во некоја земја е во посед на граѓаните, а со преостанатиот дел располагаат војската, полицијата и разни служби за обезбедување, додека на просторот на Западен Балкан тој процент достигнува дури 90 отсто.
Во меѓувреме, во нашата држава досега биле спроведени неколку акции за легализација на оружјето, но на нив немало поголем одзив кај граѓаните. Во нашата земја стапија во сила и измените во Законот за оружје. Како што соопштија тогаш од МВР, за замена на постојните дозволи со нови, потребно е физичкото или правното лице да поднесат барање најдоцна во рок од пет години од денот на стапување во сила на овој закон, односно оваа законска процедура би требало да заврши најдоцна до јуни 2023 година. Овој закон, во споредба со претходниот, предвидува повеќе обврски за оние што поседуваат оружје во делот на неговата регистрација, како и ограничувањата во однос на возраста на лицата што сакаат да поседуваат оружје.
Од друга страна, колку нелегално оружје има во Македонија нема точни податоци.
Во својата последна публикација на оваа тема, невладината „Цивил“ информира дека, според нивни истражувања, во Македонија има меѓу 170 до 300 илјади парчиња нелегално оружје, кое во најголем дел потекнува од конфликтот од 2001 година.
Во своја изјава на оваа тема за „Нова Македонија“, Џабир Дерала, од „Цивил“, вели дека оваа проблематика во принцип сега е солидно законски регулирана и многу подобрена во споредба со претходниот период.

– Можам да кажам дека иако оваа состојба е подобрена во Македонија, сѐ уште постои простор за подобрувања – заклучува Дерала.
Според него, областите што можат подобро да се регулираат се едукација на луѓето што поседуваат оружје и контрола на службеното оружје што е во рацете на униформираните лица, како што се полицијата, армијата и агенциите за приватно обезбедување.
– Во овие делови ние имаме констатирано потреба од сериозни ревизии на одредбите што го регулираат службеното вооружување, бидејќи сме сведоци дека токму тоа оружје се користи во трагични инциденти, а понекогаш и во криминал – објаснува Дерала.
Тој додава дека, сепак, поголем проблем за државата е нелегалното оружје, бидејќи врз него нема никаква контрола од институциите.
Докторот по воено-политички науки Благоја Марковски, во свој осврт на случувањата, вели дека настаните во регионот објективно придонесоа за зголемување на бројот на огнените оружја кај граѓаните, со акцент на нелегалното оружје.

– Пред повеќе години во соработка со меѓународните институции и организации, како УНПРЕДЕП и СЕЕСАК, се направија напори државите од регионот да донесат законски решенија за регулирање на ова случување, особено во делот за поседување и употреба на оружјето кај граѓаните. Паралелно со овој процес секаде во регионот, но и во Македонија беа спроведени и голем број акции за доброволно собирање на нелегалните оружја што ги поседуваат луѓето. Кај нас во 2002 и 2003 г. беа спроведени вакви акции во кои се собраа точно 1.775 парчиња нелегално оружје, а граѓаните што го предадоа не беа гонети од законот за овој чин. Но ова не беше единствен случај, и во подоцнежните години полициските власти спроведоа слични чекори со кои во одредена мера беа собрани огнените оружја што ги имаат нашите граѓани, а се последица на случувањата од кризата во 2001 година. Сепак, иако бројката е мала таа е успех за намалување на ризикот од оваа опасност – вели Марковски.
Според Марковски, во земјава, судејќи по предвидувањата и процените за овие состојби, најверојатно има околу 350 илјади парчиња нелегално огнено оружје што сѐ уште е во рацете на граѓаните.
– Кај нас законите за регулирање на оваа проблематика се солидни и казните за оние што поседуваат оружје се соодветни. Од друга страна, пак, законите за поседување легално оружје се исклучително строги и велат дека граѓаните можат единствено да поседуваат оружје за ловечка и спортска употреба. На овој начин државата строго забранува нашите државјани да поседуваат воено-формациско оружје од секаков тип – резимира тој.

Тој заклучува дека истражувањата од овој тип, кои се публикувани сега, се точни бидејќи во нашата земја и натаму има проблем со овие случувања, бидејќи во полициските акции многу често се запленуваат нелегални оружја, а истовремено и самите граѓани се жртви на истите тие во случаи во кои тие нестручно управуваат со оружјата или се осмелуваат самите да ја делат правдата и да нападнат друго лице.

[email protected]