Фото: Игор Бансколиев

Последиците од економската криза и инфлацијата што ја зафати Европа, пред сѐ во делот на снабдувањето со енергенти и трговијата со храна, се чувствуваат и во нашата земја. И додека Европа веќе воведува серија мерки, како замрзнување на цените на голем број артикли, воведување ваучери, бонови, со цел ублажување на ударот од кризата, во Македонија и понатаму се анализира во кои сектори и на кој начин да се интервенира. Кои се согледувањата и препораките на економските аналитичари во контекст на актуелните случувања?

Европа со замрзнати цени, бонови и ваучери се бори против инфлацијата, Македонија на штрек

Полека, но сигурно државите во светот подготвуваат серија мерки како одговор на очекуваната економска криза со енергенти, но и недостиг од храна што е индиректна последица и на животот со пандемијата.
Најсвеж пример се последните одлуки на Владата на Аргентина, која ги замрзна цените на повеќе од 1.400 артикли, главно храна и производи за хигиена.
Според аргентинскиот државен секретар за трговија Роберто Фелети, на компаниите не им е дозволено да ги зголемат цените во следните 90 дена.
Властите во Франција, пак, најавуваат дека имаат подготвено нацрт-предлог со кој наскоро земјата ќе започне со печатење бонови за горива, но и ваучери за храна за домаќинствата со ниски примања, сѐ со цел да се анулираат последиците од кризата. Слични политики веќе презема и Италија, која во своите јужни провинции веќе им дели ваучери за храна на социјално загрозените семејства. Од друга страна, Радио Слободна Европа јавува дека изминатава недела чешката влада привремено го укинала данокот на додадена вредност (ДДВ) за електрична енергија и гас поради големиот пораст на цените на енергијата во земјата.
Според чешките новински агенции, тамошното министерство за финансии соопшти дека ДДВ-то, кое изнесува 21 отсто, нема да се наплатува во ноември и декември, а овие мерки имаат цел да го намалат шокот на населението од глобалната криза. Во контекст на актуелните глобални случувања се наметнува и дилемата како да се постави Македонија и какви мерки би можеле да се преземат во делот на енергетиката и прехранбената индустрија, со цел да се амортизираат евентуален ценовен шок и раст на цените.

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов вели дека за да се најде одговор на оваа глобална економска дилема од македонска перспектива на случувањата мораме да сфатиме дека станува збор за негативни последици што ги предизвикува инфлацијата во странство.
– Бидејќи случувањата се одвиваат во странство, ние не можеме да ги спречиме, а со самиот факт дека сме дел од меѓународниот економски систем, нормално е да се очекува дека некои од овие случувања ќе стигнат и кај нас – вели професорот.
Според Узунов, она што може сега Македонија да го стори, е да активира сет краткорочни мерки за помош на оние слоеви на нашето население што можат да бидат најпогодени од енергетската и прехранбена криза.
– Властите на нашата земја сега треба да посветат поголема енергија во следењето на животниот стандард и да реагираат онаму каде што е најпотребно. Дополнително, државата треба да спроведе и други краткорочни мерки ако за тоа се јави потреба во однос на стимул на секторите што можат да бидат погодени од овие случувања.

Недостигот од енергија ќе се одрази секундарно секаде, па токму затоа периодов треба да се искористи за да се процени каде најдобро може Македонија да ги ублажи последиците на увезената економска криза – вели професорот.
Според него, тоа може да се стори со конкретни економски политики, кои директно или индиректно ќе се одразат на производството на основните прехранбени производи и на цената на електричната енергија.
Единствен исклучок во овие случувања во кои не можеме како држава да реагираме, според професорот, ќе биде цената на фосилните горива, кои Македонија ги увезува и нивната вредност се дефинира на светските берзи.

[email protected]