Последниве случувања со откривањето основани сомненија за постоење на корупција и криминал во правосудниот систем дополнително ја искомпликуваа нашата „загарантирана европска перспектива“. Ваквата ситуација во која се наоѓа Македонија на само еден месец од ветениот термин за доделување датум за почеток на преговори со ЕУ, според експертите, може да предизвика нова неизвесност. Некои од познавачите на состојбите се со категоричен став дека од решавањето на проблемите дома, во најголема мера ќе зависи дали наесен (и покрај поддршката што во моментов ја уживаме од довчерашните противници за доделување датум за земјава како Германија, Холандија и Франција) ќе добиеме зелено светло.

Професорката од Правниот факултет од Институтот за политички науки, Ана Чупеска коментира дека домашните збиднувања нема да направат дополнителен проблем за нашата евроинтеграција. Таа, напротив, смета дека тие ќе дадат дополнителен стимул во очите на Европејците за доделување датум за почеток на преговори наесен. Чупевска во исто време додава дека земјава итно мора да ги спроведе сите предвидени реформи, а специјалното јавно обвинителство мора да продолжи со својата улога во справување со криминалот – без оглед кој ќе биде на чело на таа институција.

– Сето ова што ни се случува по малку личи на синхронизирано дејствување, во кое нашата земја докажува дека се бори со криминалот и корупцијата, а истовремено челниците на ЕУ им даваат безрезервна поддршка на институциите на системот да продолжат со својата работа. Иако впечатокот на јавноста е дека постои бавност, односно бавно се одвиваат работите на домашно поле, сепак, мислам дека правда ќе има. Наш предизвик, во периодот што следува, е СЈО да не згасне, односно работата на СЈО, без оглед во каква форма тоа ќе биде направено (преку новиот закон или со именување в.д.), да не се фрли под нозе токму поради наводна корупција и вмешаност на еден обвинител – објаснува Чупевска.

Професорката додава дека повеќе од јасни се пораките на целата меѓународна заедница, почнувајќи од еврокомесарот Јоханес Хан, преку американскиот амбасадор во земјава Кејт Брнс, па до евроамбасадорот Самуел Жбогар, дека Македонија со борбата со криминалот е на правилен пат и дека ќе го добие очекуваниот датум за преговори во октомври.
– Експлицитните пораки за нашата евроинтеграција од европските сојузници што до пред некој период беа скептични за нашата иднина говорат дека земјава има капацитет да се справи со предизвиците од кои ни зависеше добивањето на датумот за преговори. Тие сите нѐ охрабруваат. Сега, кога поддршката за добивање на датумот однадвор расте, актуелниот гест и отворената заложба на естаблишментот за расчистување со криминалот очекувам дополнително да ја поттикнат европската политичка јавност во правец на тоа наесен да добиеме датум за преговори. Но истовремено мора да сме свесни и да работиме и понатаму на домашно поле да ги заокружиме нужните реформски агенди. Имено, има уште многу да се сработи – завршува Чупевска.

Од друга страна поранешниот дипломат Ристо Никовски за истава тема вели дека не треба предвреме да ги глорифицираме состојбите дека сме завршиле сѐ што треба, бидејќи треба да е јасно дека сѐ уште сме на почетокот, односно на прагот пред Европската Унија, кој во моментов е недостижен за нас најмалку во наредните пет години.

– Во дадените услови незамисливо е Македонија да добие датум за преговори. Слично како и во Албанија, состојбите во земјата покажа дека не сме квалификувани за членство во Унијата, особено бидејќи правосудниот систем е во катастрофална ситуација и стопроцентно не функционира. Меѓутоа, да не се залажуваме дека меѓу земјите во Унијата се приближува некаков консензус за нашиот датум. Позитивни сигнали се праќаа од разни страни, вклучувајќи ја и Меркел, но, сепак, главната пречка е Франција. Париз нема да дозволи проширување пред подлабоки реформи во Унијата, а тоа е период од најмалку пет години отсега – оценува Никовски.

И покрај сѐ, влева оптимизам процената на дел од претставниците на меѓународната заедница во државава дека наесен ќе има датум за Македонија, тврдење што го поткрепуваат со последната изјава на германската канцеларка Ангела Меркел дека ќе стори сѐ што зависи од неа за во октомври да има позитивна одлука.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

[email protected]