Почнувањето на скринингот е само пропаганден потег на ЕУ, кој треба да нѐ залаже дека вратите се отворени, а не се, бидејќи треба да проголтаме голема кнедла, договор со Грција, сметаат експертите

Македонија го започна процесот на скрининг за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, кои се очекува да се отворат во јуни следната година. Со доаѓањето на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во Скопје, неделава и формално почна набљудувањето на нашиот систем, што всушност е предуслов за отворање на пристапните преговори со Унијата. Коментарите на познавачите на состојбите се дека таканаречениот скрининг-процес, или анализата на усогласеноста на законодавството на земјата-кандидат со европските закони, ќе трае од година до година и половина. Според нив, таквата процена ја темелат на досегашното искуство и споредба со времето потрошено во, на пример, Хрватска и Црна Гора. Она што следува подоцна, според експертите, е отворањето на поглавјата и процесот на преговори, кој е подолг процес, за кој Македонија допрва ќе треба да се подготвува. Во исто време, тие објаснуваат дека Хрватска преговараше околу шест години, а Црна Гора, која сѐ уште е во тек на преговори, процесот го почна од 2012 година. Во случајот со оваа балканска земја, скринингот и преговорите се одвиваа заедно. Процената на усогласеноста на законодавството почна во март 2012 година, а преговорите во јуни истата година.

Поранешниот дипломат Ристо Никовски смета дека Македонија, доколку најбрзо ги заврши сите процеси со Унијата, без притоа да има застој од наша страна, би била членка во Унијата најрано некаде по 2031 година.
– Почнувањето на скринингот од страна на Европската комисија значи само пропаганден потег, кој треба да нѐ залаже дека, еве, вратите се отворени. А не се, бидејќи ние треба да проголтаме голема кнедла, договор со Грција, со кој се откажуваме од самите себеси. Ние имавме и таканаречен „ХЛАД“, кој беше де факто истото тоа и ништо не ни донесе. Црна Гора е планирано да влезе во Унијата во 2025 година, а преговорите ги започна во 2012 година, по вкупно тринаесет години. Македонија утре да ги започне преговорите, не може да ги заврши за пократок период од 15 години. Тоа значи дека објективно можеме да станеме членка на Унијата некаде во 2033 или во 2034 година. Тоа е реалноста на која мора да сметаме – вели Никовски.
Тој додава дека Унијата е цивилизациско достигнување и таа и еврото секако ќе опстанат, меѓутоа во сериозно променета форма, при што проширувањето може да биде и целосно прекинато.

Во секое ново проширување на Европската Унија, Брисел учи и применува нови постапки и практики, коментира политикологот Димитар Димов. Тој објаснува дека во овој момент најважно е да се бројат обврските што треба да се сработат, а не годините што ни се потребни за влез во ЕУ.
– Интересно за нас е тоа што во нашиот случај, но и за Албанија, во текот на оваа година, ЕУ ќе помине дел од поглавјата што се преговараат. Ваквиот начин на скрининг всушност го забрзува процесот на преговори, како што беше со примерот со Црна Гора, и ни го скратува времето за полноправно членство во Унијата. Сепак, тука сакам да додадам дека времето за нашето членство во ЕУ најмногу ќе зависи од нас самите, односно колку ние ќе го сработиме она што Брисел го бара како услов – вели Димов.
Тој додава дека ваквиот пристап би ѝ дал шанса на државата до идната година, кога се очекува и формален почеток на преговорите, да биде понапред од тоа што беа Србија и Црна Гора при почетокот на преговорите.

Иако Македонија, според многу западни извештаи и тврдења, е речиси единствена држава на Балканот чија демократија напредувала во последната година, проблемот со целосно реализирање на спогодбата од Мала Преспа неформално повторно се издигнува на ниво на критериум за почеток на преговори со ЕУ, се согласуваат аналитичарите
Инаку, критериумите за прием на нови земји во ЕУ, кои ги утврдил и ги зајакнал Европскиот совет по влезот на Хрватска во Унијата, се темелат на три најважни столба, а тие се политичкиот, економскиот и институционалниот критериум.

Првиот, политичкиот, се однесува на стабилноста на институциите што гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштита на малцинствата. Преку вториот, економскиот критериум, Брисел ги надгледува постоењето и функционирањето на пазарната економија, како и капацитетот за справување со притисокот на конкуренцијата и пазарните сили што владеат во Европската Унија. И на крајот, институционалниот критериум, Брисел го оценува преку работата на земјите-кандидати што мора да го усвојат, применуваат и да го спроведуваат целокупниот пакет на политики и мерки од законодавството на ЕУ. Тоа значи способност за преземање на обврските од членството, вклучувајќи придржување кон целите на политичката, економската и монетарната унија. Ова бара и доволен административен капацитет на земјата-кандидат за трансформирање на европското во националното законодавство, за негова примена и за ефикасно спроведување преку соодветни административни и судски структури.