Во колкава мера партиско-политичките програми се претвораат во реални јавни политики

Во предизборниот период граѓаните беа сведоци на претставување на јавната сцена многу политичко-партиски програми. Тие беа разработени во помал или поширок обем и имаа цел да ги отсликаат визиите и ракурсот на партиите на општествените предизвици во нашата земја (но и на меѓународен план), понудувајќи најцелисходни решенија за просперитет на државата и граѓаните. Едни програми беа разработени детално, во други беа издвоени само тежишните насоки на партиските политики, се разбира, доколку тие ја освојат власта.

Партиските програми како бизнис-план на идната влада

Меѓутоа операционализирањето на тие програми е посебна приказна. Наместо програмите да бидат третирани како стратегиски документи, како корпоративни сериозни долгорочни бизнис-планови што се темел на разработени динамички планови за работа, тие често остануваат мртво слово на хартија. Имено, голем дел партиско-програмски ставови, предлози и решенија остануваат заборавени, па дури и игнорирани. Факт е дека во сите изборни програми може да се најдат исклучително добри предлози, но се наоѓаат и онакви што се граничат со нереална имагинативност и фантазија. Но, како и да е, умешноста на водење јавни политики во интерес на граѓаните е ползување на сите добри предлози, не само од сопствената програма, и нивно динамично спроведување. Политичките програми не треба да останат само декор за изборите, туку треба да се впрегнат сите општествени чинители истите тие да се остварат.

Владината програма е резултанта на две или повеќе партиски програми

Политичките аналитичари со кои се консултиравме во сублимиран заклучок велат дека на овие избори, како и на многуте претходно, се покажа дека во изборните програми „има месо“ и би било голема штета ако истите тие се покажат само како декор во изборната трка. Во историјата на нашата држава, по осамостојувањето, многу добри програмски идеи останале нереализирани. Суштина на изградба на добри јавни политики е земањето на сите добри идеи од јавен интерес од својата партиска програма, но и од другите партии, бидејќи секаде има добри идеи. Владината програма треба да биде т.н. резултанта на две или повеќе партиски програми.
Политичкиот пиар Синиша Пекевски е со песимистичка констатација дека изборните програми на крајот од денот единствено служат да се каже дека навидум големите партии имаат своја визија за тоа како треба да изгледа земјата во нивното владеење.
Пекевски потсетува дека политичката платформа испишана во изборната програма во практика никогаш во целост не го гледа светлото во реалната политика и многу мал дел од неа се реализира онака како што е предвидено во брошурите.
– Конкретно, во сегашната поставеност на работите по изборите, верувам дека двете најголеми партии пред себе најмалку во наредните дваесетина дена до првата конститутивна седница ќе имаат многу тешка мака да ги задоволат ирационалните апетити на коалицискиот партнер од албанскиот кампус, наместо да ги усогласат програмите – вели Пекевски.

Според него, во овој процес комбинаториките за поделбата на власта ќе натежнат врз програмските идеи и замисли на партиите.
– Лично сметам дека во оваа фаза, СДСМ ќе има тешка задача пред себе. Имено, оваа партија, ако сака да ја формира владата, ќе мора да најде заеднички јазик со сите албански партии, кои во суштина имаат меѓусебно нарушени релации. Дополнително тежок проблем за СДСМ ќе биде и подобрувањето на комуникацијата со ДУИ, која беше солидно нарушена многу пред почетокот на изборниот период – вели Пекевски.
Слично констатира и политикологот Милан Стефаноски, но сепак тој е оптимист дека токму во партиските програми постојат многу заеднички елементи, односно пресеци и совпаѓање на идеи, ставови и цели во интерес на граѓаните на Македонија. Тој констатира дека „желбата за власт е голема, но дека истата таа мора да се задоволува право пропорционално со остварувањето на проектите од програмите“.
– На крајот од денот, јас знам дека во македонската политика желбата за власт е многу поголема кај партиите од желбата за спроведување на нивните изборни програми, но верувам дека веќе политичката и државничката свест е на повисоко ниво и дека операционализацијата на плановите и програмите ќе биде приоритет и во фокусот. Би сакал да не згрешам и да се докаже обратното од она во минатото – резимира Стефаноски.

[email protected]