Во бугарските архивски депоа постојат стотици документи што никогаш досега не се објавени. Во споменатите историски извори постојано се сретнуваат зборовите: слобода на македонскиот народ, македонска слобода, слободна и независна Македонија, македонско бурно востание за слобода, македонски бунт за слобода, замена на постојната управа со нова – автономна за Македонија, воведување автономија на Македонија, полна автономна управа и сл. Очигледно е дека во бугарските архиви постојат голем број историски документи што ги побиваат бугарските антиисториски тези за бугарскиот карактер на Илинденското востание и македонските револуционерни борби од крајот на 19 и почетокот на 20 век

Ексклузивни историски извори од бугарските архиви

Во бугарските архивски депоа постојат стотици документи од историјата на македонскиот народ што никогаш досега не се објавени. Единствената причина за оваа состојба е затоа што тие јасно говорат за стремежите на Македонците. „Нова Македонија“ дојде до ексклузивни документи што даваат дополнително светло за суштината на Илинденското востание.

Во 50-тите години на 20 век, во Пиринскиот крај сѐ уште имаше живи учесници во илинденските борби. Нивните сведоштва беа запишани, но никогаш не беа објавени. Меѓу нив се и спомените на Симеон Николов Драговчев од селото Бања, Разлошко, учесник во четата на Јане Сандански и востаничките борби. Драговчев совршено говори за „организација којашто има цел да се бори за слободата на македонскиот народ“. Неговото искажување потврдува дека Македонската револуционерна организација кон крајот на 19 и почетокот на 20 век се борела за слободата на Македонците, а не за бугарските национални идеали.

Меѓу запишаните спомени се и оние на дедо Влчо Бојаџиев, кој вели дека за време на Илинденското востание и подоцна, многу борци се бореле за „ослободувањето на Македонија“. Бојаџиев исто така вели дека за време на „фашистичката диктатура“ во Бугарија многумина излегле да се борат за слободата, следејќи го патот на славните илинденци.

Во еден од документите до кои дојде „Нова Македонија“ се вели дека семето на револуцијата во градот Мехомија (денес Разлог) било посеано од Гоце Делчев, кога во 1897 година основал револуционерен комитет. Среќни биле првите основачи на организацијата, зашто имале можност да слушнат од „устата на првоапостолот на македонската слобода за иднината на Македонија“.

По Илинденското востание во летото 1904 година, во канцелариите на странските агенти и офицери почнале да пристигнуваат претставки од цивилното македонско население. Во нив за Илинденското востание се говори како за „македонско бурно востание за слобода, македонски бунт за слобода, бурно македонско движење за слобода“ и сл. Во однос на политичкиот идеал, Македонците барале „замена на постојната управа со нова – автономна за Македонија, да ни се даде една автономна управа, една полна автономија на чело со наши христијански губернатори, една трајна автономија, со христијанин губернатор, воведување автономија на Македонија со губернатор христијанин, автономна управа со христијански губернатор, полна автономна управа“ и сл.

Очигледно е дека во политичките барања на Македонците непосредно по Илинденското востание никаде не се споменува барањето за обединување на Македонија со Бугарија.


Изразот Илинденско-преображенско востание е бугарска политичка измислица

Во историските извори никаде не се сретнува изразот Илинденско-преображенско востание. Доколку внимателно анализираме, овој вештачки создаден термин првпат својата јавна промоција ја имаше во 1968 година, која беше резултат на промената на бугарската политика кон македонското прашање.

Промените се случија во 1963 година, со Мартовскиот пленум на Централниот комитет на Бугарската комунистичка партија, кога било одлучено да се објавуваат историски публикации со кои требало да се докажат антиисториските тези за бугарскиот карактер на Македонците.

Во овој дух е и кованицата за Илинденско-преображенското востание, но што велат историските документи. На 20 август 1922 година, во „Илинден“, орган на бившите македонско-одрински револуционери, е објавена статијата „Одринското востание“. Во неа се вели дека две недели по започнувањето на Илинденското востание во Битолскиот вилает, Тракијците исто така положија гранитни сили за да го организираат и предводат населението во оружена борба против турскиот деспотизам. Никаде во историските извори не се сретнува терминот Илинденско-преображенското востание, напротив, се говори за големото македонско востание од 1903 година.