Премиерот Зоран Заев во рамките на неговата агенда во Брисел вечерва се сретна со претседателот на Европскиот парламент, Давид Мариа Сасоли.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата присуствувале и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
За време на разговорот Заев нагласил дека сè уште е оптимист дека одлуката за старт на преговорите сепак ќе биде донесена на самитот на претседатели и шефови на влади на земјите членки на ЕУ во текот на утрешниот ден.

– Поинаков исход освен старт на преговори за Северна Македонија, како признание за остварените реформи и за сериозните политички одлуки на земјата, како исполнување на препораките на ЕУ, ќе биде поттик за регресивните сили во земјата и обесхрабрувачки сигнал за другите земји во регионот во однос на нивните евроинтеграциски процеси – посочил македонскиот премиер.

Претседателот на Европскиот парламент го потврдил речиси консензуалното одобрување на европратениците за преговори со Македонија и потврдил дека земјата е успешна приказна за Европската Унија.

Сасоли нагласил дека со овие пораки тој и утре ќе се обрати во Европскиот совет и ќе побара да биде исполнето ветувањето за позитивна одлука за старт за преговори на Македонија.