Азбуката и правописот на македонскиот јазик се прифатени на 5 мај 1945 година, а прогласот бил објавен во весникот „Нова Македонија“, кој со тоа практично во тоа време станува учебник по македонски јазик и писменост во државата. Таа своја мисија „Нова Македонија“ ја продолжува и денес, а македонскиот јазик претставува доказ и аргумент за неговата посебност, самостојност и жива автентичност

Петти мај – Денот на македонскиот јазик и 75-годишнина од објавувањето на азбуката во „Нова Македонија“

Петти мај е Денот на македонскиот јазик, кој вторпат и официјално се одбележува во Македонија. Одлуката на Владата од пред две години (по предлог од Советот за македонски јазик) токму овој датум да биде одбележан како Ден на македонскиот јазик, се заснова на објавата во „Нова Македонија“ од 5 мај 1945 г., со која азбуката е прифатена како официјално писмо. Со решение на Народната влада на Федерална Македонија, азбуката е предложена на 3 мај 1945 година, кога се вовел и правописот на македонскиот јазик, по предлог од Комисијата за јазик и правопис при Министерството на просветата.

Владата ја прифатила азбуката на 5 мај 1945 година и прогласот бил објавен во весникот „Нова Македонија“, кој со тоа практично во тоа време станува и учебник по македонски јазик и писменост во државата. Таа своја мисија весникот ја продолжува и денес.
Во комплексниот актуелен историско-политички миг, 75 години по официјализирањето на македонската азбука, се чини дека македонскиот јазик и сите негови атрибути повторно стануваат отворено политичко прашање, особено со новото активирање на ненадминливите разлики во ставовите на оваа тема во македонско-бугарските односи. Обновените евроинтегративни условувања (уцени) на Бугарија упатени спрема Македонија се насочени директно кон автентичноста и самобитноста на македонскиот јазик. Таквата наметната политизација на постоењето на македонскиот јазик, создава општа перцепција за негова загрозеност. Како гледаат лингвистите и експертите на овие појави во светлината на одбележувањето на 75-годишнината од објавувањето на азбуката.

Македонскиот јазик има длабока историја во средновековието

– Македонскиот јазик не е загрозен! Додека има Македонци што го зборуваат македонскиот јазик, тој не може да биде загрозен. Од нас, Македонците зависи како ќе го чуваме и негуваме македонскиот јазик. Нашиот јазик има длабока историја од средновековието и пред сѐ се повикуваме на традицијата на Кирил и Методиј. Како континуитет на култот на Кирил и Методиј, неизбежно се надоврзува и Климентовата школа… Градењето на јазичната посебност на македонскиот јазик продолжува со навлегување на живиот јазик во текстовите од 16 век, дамаскините, а во 19 век и на народниот јазик во книгите, сѐ уште без свест за стандардизација на јазикот. Веќе во втората половина на 19 век, меѓу македонските интелектуалци се отвораат размислувања за стандардизација на јазикот, но и тогаш не постои ниту еден македонски интелектуалец, што го прифаќа источнобугарското наречје за основа на стандардниот македонски јазик. Дури и Прличев, кој сакал да создаде своевидна словенска јазична мешавина (словенски есперанто), признава дека охридскиот говор е сосема различен од бугарскиот јазик, кој тогаш се стандардизирал… Мисирков, во 20 век ги дава основите на македонскиот стандарден јазик, кој се развива во НОБ, а официјално се стандардизира на 5 мај 1945 година – вели Људмил Спасов, професор на Филолошкиот факултет при УКИМ и претседател на Советот за македонски јазик.

Професорот Спасов истакнува дека македонскиот јазик не треба да се доведе во ситуација од какво било политичко докажување и одбрана, и мораме пред сѐ да се насочиме кон чување и негување на јазикот, кој денес треба да одговори на сите потреби на општеството: од административен, научен, медиумски и јазик како секојдневен говор. Исто така, потсетува дека треба да се работи на светска афирмација на македонскиот јазик, преку активирањето на лекторатите за македонски јазик. Што се однесува до ставањето на македонскиот јазик во политички контекст на условувања, професорот Спасов нагласува дека со тоа нема и не може да има компромиси.

Улогата и значењето на „Нова Македонија“

Потребата за прогласување Ден на македонскиот јазик се наметнува како своевидно надоврзување на претходно постојниот Ден на мајчиниот јазик, кој повеќе се нагласува во контекст на малцинските јазици. Покрај тоа, се чувствува и потребата за нагласување на обединувачката и поврзувачка улога на македонскиот јазик во македонското општество, кое го афирмира правото на употреба на јазиците на сите етнички групи во Македонија.
– Нормирањето на македонската азбука во периодот по Втората светска војна и оформувањето на македонската држава имаше особено значење во публицистиката, новинарството и, секако, литературата, како и во издавањето и објавувањето на нормативните, законските акти и државните документи. Почитувањето на правописните правила претставува еден неопходен услов во употребата на македонскиот јазик – тоа е така во изминатите седум децении, а секако и во денешниот современ контекст.

Во Спомен-куќата во музејот во Горно Врановци се овекеовечени почетоците на македонската писменост и преку појавата на првиот број на „Нова Македонија“ / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во контекст на скорешните случувања со донесувањето на Законот за употреба на јазиците, може да се каже дека континуирано се стеснува просторот, особено визуелниот простор, на употреба на македонскиот јазик и македонската азбука. Истиот процес се следи и во рамките на јазичниот пејзаж односно во присуството т.е. отсуството на македонската азбука на патните и регионалните знаци и на рекламите и фирмите. Македонската држава има обврска да го почитува употребувањето на македонската азбука и во согласност со тоа да ги подобрува состојбите.
Се чини дека особено со последните изјави од страна на бугарската држава во врска со негирањето на македонскиот јазик и македонската историја, оваа обврска добива признак на обврска за зачувување на македонската државност.

Очекуваме дека Владата на РМ има доволно доверба во ресурсите и кадарот во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ при УКИМ за подобрување на ситуацијата со оглед на употребата на македонската азбука на институционално ниво – вели професорката Александра Ѓуркова од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ при УКИМ.
Од првиот чин на официјална стандардизација на македонската азбука, „Нова Македонија“ во текот на целото свое 75-годишно постоење учествувала и давала поддршка на развојот, унапредувањето и афирмацијата на македонскиот јазик. Своевремено, „Нова Македонија“ имала улога на „практичен учебник“ на македонскиот јазик, а денес претставува доказ и аргумент за неговата посебност, самостојност и жива автентичност.