Префрлање на посмртните останки на Ростоковски во Солун

Само еден ден по убиството, на 9 август 1903 година, додека во Крушево сѐ уште егзистирала Републиката, по инсистирање на Русија, бил составен воен суд од осум судии и судењето почнало по брза постапка

Ексклузивни документи oд историските архиви

Во извештајот испратен до Роберт Грејвс, британски генерален конзул во Солун, два дена по убиството на Ростоковски, извршено на осми август 1903 година, Мекгрегор, британски вицеконзул во Битола, меѓу другото пишува: „Како потврда на моите телеграми од 8 о.м., имам чест да Ве известам за следниве детали во врска со убиството на г. Ростоковски, рускиот конзул во Битола. Веќе имав можност во разни пригоди да истакнам дека г. Ростоковски долго време беше непопуларен меѓу Турците поради неговата изразена симпатија за револуционерното движење и неговиот обичај да го навредува и да го удира секој војник или жандарм за кој сметал дека недостојно се однесува спрема претставникот на руската влада, со што предизвика омраза меѓу тој дел од населението. Пред шест недели тој го навредил и го малтретирал стражарот, кој се обидел да ја запре неговата кочија, затоа што г. Ростоковски и неговата жена се возеле ноќе покрај касарните, а кратко потоа се проширија гласини дека, откако спомнатиот стражар бил казнет од неговиот претпоставен офицер, тој се заколнал дека г. Ростоковски ќе биде убиен. И Ростоковски и сите други, вклучувајќи го и неговиот близок пријател Крсте Петков Мисирков, заканата ја сфатиле како чаршиски фолклор, освен францускиот вицеконзул, кој, како што сега дознаваме, својот сомнеж го потврдил во еден случаен разговор со една албанска милосрдна сестра, која го чула тоа додека ги лекувала војниците во диспанзерот на римокатоличката мисија. Господинот Готје веднаш ја известил за тоа својата амбасада и искрено го предупредил г. Ростоковски за опасноста, но без никаков успех“.

Валијата вели дека Ростоковски е крив за трагичниот крај!?

Во својот извештај за атентатот, британскиот вицеконзул подвлекува дека „гневот кон г. Ростоковски порасна поради фактот што тој ја посетуваше областа Мариово и што се врати од таму една недела пред да избувне востанието, поради преселувањето со семејството во манастирот во Буково, во близината на Битола, на самиот ден кога беше објавено дека ќе се крене востание“. Според Мекгрегор, „иако сега покојниот конзул веќе неколку години имал обичај да го поминува летото во Буково, не може да се негира дека од турска гледна точка доказите се против него, бидејќи и покрај фактот што патувал во Мариово, заедно со својата сопруга и ќерка, одбил да биде придружуван од повеќе од двајца жандарми, а при преселувањето во Буково одбил валијата да му даде каква било придружба. Покрај тоа, очигледно беше дека целта на неговата посета на Мариово беше да ги храбри востаниците, а на денот на неговото пристигнување во Буково триесет луѓе од соседното село дошле да разговараат со него пред да им се придружат на четите. Под овие околности, вестите за убиството, одвратно и недозволиво, предизвикаа само мало чудење меѓу конзулите, а Турците не се ни потрудија да го скријат своето задоволство“. Во продолжение на својот извештај до британскиот генерален конзул во Солун, датиран три дена по убиството, Мекгрегор, британскиот вицеконзул во Битола, пишува: „Во моментот се врши распрашување во конакот во присуство на рускиот вршител на должноста конзул Кохмански и рускиот конзул во Скопје, Мендељштам, кој пристигна вечерта на осми овој месец, со намера да помине неколку дена со г. Ростоковски во Буково“.

Во завршниот дел од извештајот, истиот овој британски дипломат, кој во следните неколку свои извештаи за одредени свои сознанија собрани од теренот неколкупати како да се демантира самиот, пишува дека „засега со сигурност може да се каже дека деталите за убиството се точни, како што е наведено во моите телеграми, а изјавата на убиецот Халим, еден албански поранешен бандит од Биглишта, дека конзулот прв пукал на него со револвер, може да се отфрли, и покрај напорите што ги прават властите за да го докажат тоа“. Освен тоа, како што тврди Мекгрегор, „убиецот со удар со кундакот целосно ја разнел главата на жртвата, откако жртвата била убиена“, додавајќи дека „конзулот никогаш не носеше со себе оружје“, а не се слушнале ниту „истрели од соседството“, што значи дека не станува збор за заседа или за престрелка во која учествувале лица од двете страни: „Исто така, можам да додадам дека, додека јас и австрискиот конзул ја придружувавме г-ѓа Ростоковска до градот од Буково, каде што отидовме да ѝ ја соопштиме тажната вест, таа ни кажа дека претходниот ден, додека минувале покрај некој жандарм, нејзиниот маж застанал да го искара жандармот што одбил да го поздрави, а притоа го употребил и зборот ’будала’. Во текот на попладнето валијата го посети рускиот конзулат за да го изрази своето жалење и рекол дека самиот г. Ростоковски бил виновен за трагичниот крај… Во секој случај, г-ѓа Ростоковска одлучи телото на нејзиниот сопруг да биде пренесено во Русија, но сѐ до вчеравечер рускиот конзулат немаше добиено никакво известување во врска со тоа од Ст. Петербург или од Константинопол, околност што може да се објасни со честото пресекување на телеграфските жици. Ниту еден од војниците во воената пекарница што наводно пукале во кочијата на г. Ростоковски не е уапсен, иако раните на еден од коњите и трагите од куршумите на кочијата не оставаат сомнеж од кој правец биле испукани куршумите. Валијата изјави дека на убиецот ќе му се суди во Граѓанскиот суд, но рускиот конзулат инсистира судењето да се изврши во Воениот суд, кој е единствено компетентен за таа работа“.

„Британскиот вицеконзул е омразен зашто е пријател со валијата!“

Три дена по убиството, во весникот „Њус ноте“, кој излегувал во Битола, била објавена статија во која, освен што известува дека „Хилми-паша во понеделникот им се обрати на граѓаните од Битола, исмејувајќи го востанието“, со ветување дека ќе биде „воспоставен ред и мир за неколку дена“, мошне опширно се известува и за атентатот на рускиот конзул Ростоковски, односно за тоа дека неговата глава била разнесена од удар со бајонетот на полицаецот и слично, а потоа се осврнува на истрагата, констатирајќи дека „доказите покажуваат оти убиството било добро испланирано, а ние нема да бидеме изненадени ако бидат убиени уште еден или двајца други конзули“ во Битола, меѓу кои на „листата за отстрел е и Мекгрегор, британскиот вицеконзул: Турците го сметаа Ростоковски за водач на востаниците, а исто така се на мислење дека и г. Крал, австриски конзул, е мошне опасен. Британскиот вицеконзул, господинот Мекгрегор, е исто така мошне омразен, бидејќи се мисли дека тој му е пријател на последниот валија, кој дозволи востанието да земе замав. Вчера, еден атентатор го чекал Мекгрегор да го убие кога ќе излезе на прошетка, но, за среќа, тој ден конзулот избрал друг правец и така беше одбегната уште една трагедија. Изгледа дека многу од турските земјопоседници се разочарани од турските власти и посакуваат европска окупација, која ќе им гарантира заштита на нивниот имот. За да постигнат поголем ефект, планирале да ги убијат конзулите. Конзулите се на мислење да ја повикаат националната гарда. Веројатно сега амбасадите во Константинопол ќе признаат дека востанието во Македонија е многу сериозно“.

Статијата во весникот е потпишана од некојси С. Бонд, кој веројатно нема ништо заедничко со својот подоцнежен филмски имењак, кој се занимава со вакви и слични но, сепак, измислени филмски приказни. Истиот весник, на 15 август 1903 година, пишува дека „господинот Ростоковски не го употребил својот бастун, ниту го репетирал својот револвер, туку едноставно само го прашал полицаецот за неговото име“. Британскиот вицеконзул Џејмс Мекгрегор, оној што исто така бил „мошне омразен од Турците“, во телеграфски извештај до Форин офисот информира за тоа дека францускиот конзул е известен од доверливо место дека некои структури од турската власт, „разочарани од падот на Крушево и од неуспехот со смртта на рускиот конзул да се доведе странска интервенција, одлучиле да фрлат бомба меѓу конзулите за време на закопот на рускиот конзул, во четврток наутро, со цел да се предизвика масакр. Слични вести добија грчкиот и романскиот конзул, а исто така и јас“.
Според документите во врска со атентатот во Битола, убиството на Ростоковски е второ по ред убиство на руски дипломат во Отоманската Империја, по она што се случило со Григориј Степанович Шчербин во Косовска Митровица. Како реакција на убиството на Ростоковски, руската морнарица веднаш почнала со маневри, но дипломатските интервенции, извинувањето на султанот и подготвеноста виновниците веднаш да се изведат пред суд и соодветно да се казнат, можеби спречиле Русија да влезе во војна со Турција. Само еден ден по убиството, на 9 август 1903 година, додека во Крушево сѐ уште егзистирала Републиката, по инсистирање на Русија, бил составен воен суд од осум судии и судењето почнало по брза постапка. Претресот траел четири дена, а четвртиот ден била донесена пресуда: двајцата атентатори, Албанците Халим и Абас, да бидат обесени. Двајца офицери добиле затворски казни, а офицерите што го омаловажувале и навредувале убиениот конзул биле деградирани и суспендирани од службата. Егзекуцијата врз Халим и Абас била извршена јавно на истото место каде што бил убиен Ростоковски. На 20 август, додека во Македонија сѐ уште траеле жестоките борби меѓу востаниците и турската војска, телото на убиениот руски конзул било испратено до железничката станица во Битола. Следниот ден на пристаништето во Солун посмртните останки биле префрлени на рускиот воен брод „Терец“ и транспортирани во Одеса, каде што, на погребот, меѓу другите, говорел и Крсте Петков Мисирков, кој бил во кочијата кога се пукало во Ростоковски.


Британски документ од 5 јануари 1904 година

Неизбежно е ново востание во Македонија!

Според британски документи, Илинденското востание не е задушено туку прекинато од востаничките штабови, откако Русија, на која сметале најмногу, не само што не се решила да интервенира туку тајно го поддржала крвавото задушување на востанието. Востанието било прекинато со одлука на Главниот востанички штаб, донесена во Смилевската корија на 19 септември 1903 година. Само три месеци по прекинот на востанието, според писмото испратено на 5 јануари 1904 година од Битола до генералниот конзул на Велика Британија во Солун, вицеконзулот Мекгрегор тврди дека располага со информации оти наскоро во Македонија ќе се крене ново востание: „Сите информации што ги имам говорат дека владее општо мислење оти е неизбежно кревање ново востание, освен ако наскоро, до топењето на снегот, не бидат преземени мерки за подобрување на локалната администрација… Исто така е веројатно дека ова востание ќе биде помасовно и поочајничко од претходното, бидејќи населението од изгорените села веќе нема ништо да изгуби, а оние што успеале да се спасат, сега ќе бидат повикани да го пополнат бројот во ослабените чети, додека муслиманските села, преполни со ограбено жито, стока и покуќнина од секаков вид, одвај дека ќе ги избегнат силните напади од нивните очајни христијански соседи“. Во истото писмо британскиот вицеконзул известува дека преку разни влијателни луѓе „се обидува да ги убеди Македонците за неразумноста да се влезе во нова авантура“, изразувајќи го своето мислење дека тоа ќе може да се направи „доколку реформската програма не успее“.


Извештај на британскиот вицеконзул во Битола

Жалам што Бахтијар-паша доби орден од султанот!

На 15 октомври 1903 година, британскиот вицеконзул во Битола, Џејмс Петер Мекгрегор, со писмо го известува Роберт Грејвс, британски генерален конзул во Солун, за доделувањето орден на Бахтијар-паша поради крвавиот масакр во Крушево и Смилево: „Во врска со моето писмо број 64, имам чест да известам дека, според информациите што ги добив од Хилми-паша, лицата што беа вклучени со масакрот извршен во Смрдеш ги добија следниве казни од Воениот суд во Битола: поручникот Кемал-бег деградација и шест месеци затвор; двајца војници – осум месеци затвор…; седум резервисти – осум месеци во синџири; еден војник – десет месеци во синџири; еден каплар – осум месеци во синџири; тројца коњаници – шест месеци во синџири; тројца војници – намалување на чинот; и тројца каплари – намалување на чинот. Жалам што мора да кажам дека Бахтијар-паша, кој беше одговорен за масакрот извршен за време на повторното освојување на Крушево и кој ги раководеше разурнувањата на Смилево и масакрирањето на населението, доби орден ’Меџидие’ од Неговото височество султанот!“

Блаже Миневски