Преспанскиот договор, кој треба да отвори новото поглавје во односите на Македонија со Грција и како што одминува времето по некоја логика полека да ги смирува страстите кај обете страни, судејќи по неговата застапеност во интервјуата и дебатите во медиумите во двете земји што се во изборни кампањи, сепак се наметна како најприсутна тема.

Што се однесува до полемиките за Преспанскиот договор, дискусиите и јавните расправи во македонската јавност во екот на претседателската кампања тие беа фреквентни, длабоки, со далекосежни анализи од историски, правен, политички, лингвистички, социолошки, економски и друг карактер. Од другата страна на границата во соседството, кое е исто така во ек на кампања, но за локалните и европските избори, фокусот на критики на тамошната јавност за договорот според некои медиуми дури го буди и подзаспаниот национализам во Грција. Имено, грчкиот печат деновиве не штеди на критиките упатени кон грчкиот премиер Алексис Ципрас и лидер на грчката СИРИЗА во однос на аномалиите и слабостите на преспанскиот договор.

Грчки „Катимерини“ во таа насока пишува дека Ципрас планира да побара дури и предвремени избори за да се сврти вниманието во јавноста од договорот за името, кој му создава дополнителен притисок за и така неговото тешко опстојување на власт.

Бомбите што сериозно влијаат врз политичката сцена во Грција е и случајот „Новартис“ корупциската афера во која се вмешани поранешни и сегашни грчки функционери, кои може да доведат до предвремени избори, наведува „Катимерини“.

– Се истражуваат тврдењата дека швајцарската фармацевтска компанија „Новартис“ поткупувала високи грчки функционери за да ги зголеми продажбата и цените на своите производи во државните болници. Меѓу функционерите поврзани со скандалот се гувернерот на централната банка, Јанис Стурнарас, европскиот комесар за внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос, поранешниот премиер на Грција, Андонис Самарас, и некогашниот технички премиер, Панајотос Пикраментос. Корупцијата ја оштетила државата за речиси три милијарди евра. Сите ги негираат обвинувањата, наведува грчкиот медиум.

Во исто време аналитичарите во Грција, како што пишува „Катимерини“, велат дека случајот со „Новартис“ е во центарот на вниманието токму сега за да се сврти вниманието од договорот за името. Се смета дека Ципрас ќе побара предвремени избори токму поради овие причини. „Катимерини“ додава дека и покрај оптимизмот по решавањето на спорот за името, знаците сепак не се добри. На крајот од анализата посветена на Преспанскиот договор, но и случајот со „Новартис“, грчки „Катимерини“ постепениот колапс во јавноста го смета за удар врз СИРИЗА, партија, која, пак, се надеваше дека ќе ѝ се зголеми популарноста пред локалните и европските избори, кои треба да се одржат следниот месец откако нивниот лидер Ципрас го потпиша Преспанскиот договор. Ваквите бранувања во јавностите на двете земји-потписнички на договорот, според експертската јавност, јасно го навестуваат фокусот на кампањите во Грција и во Македонија дека ќе биде главна тема прашањето за името, како и договорот од Преспа, кои повторно се во игра, се разбира од различна диоптрија. Според одредени мислења, токму на ова прашање може да се темели и целата изборна стратегија за настап и на власта и на опозицијата. Во исто време во домашната јавност се наметнува и дилемата дали темата за името и покрај тоа што е веќе апсолвирана проблематика, откако државата го промени своето име, новиот шеф на државата би можел да започне постапка за враќање на старото име.

Политичкиот познавач на состојбите за името професорот Лазар Лазаров, вели дека смешно би било да изостане темата за името на овие претседателски избори кај нас, но и на европските во соседството, која, според него, е сериозна и важна.

– Крајно несериозно би било, доколку во претседателската предизборна кампања името не биде една од главните теми. Јасно е дека овде од опозицијата ќе се прават обиди како да се оспори договорот со Грција, Бугарија итн. По тој рецепт слично е и во соседна Грција. Се вадат афери, со други зборови, се прави сѐ договорот да биде раскинат. Реално тоа не е возможно бидејќи зад договорот, стои целата меѓународна заедница вклучувајќи ги САД, НАТО и ЕУ, а ваквите дневнополитикански игри за кои пишуваат и тамошните и овдешните медиуми мислам дека се чист популизам, кој, за жал, сѐ уште гледам се прима кај македонскиот народ, но и грчкиот и по толку години не е научена лекцијата на темата за името – завршува Лазаров.

[email protected]