Фото: Дарко Андоновски

Расизам и дискриминација во однос на македонското малцинство во Бугарија се констатирани во извештајот на мониторинг-комисијата на Парламентарното собрание на советот на Европа (ПССЕ). Уште повеќе, како сериозен проблем во извештајот на ПССЕ конкретно се наведуваат расистичкиот говор кон Македонците и односот кон македонското малцинство, кое не е признаено од бугарските власти

Во периодот по потпишувањето на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, во обидот за негова имплементација, се отворија длабоки „црни дупки“, кои се закануваат да ја „проголтаат“ реалноста на постоењето и посебноста на македонскиот народ, националната историја, како и личностите и делата на нашите предци и жртвите на борбата за создавање самостојна и суверена држава. Во едни такви околности, доаѓа извештајот на мониторинг-комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во рамките на постмониторинг-дијалогот со Софија, која го следи спроведувањето на обврските на земјите-членки на ЕУ.

Во извештајот на ПССЕ се констатираат расизам и дискриминација во однос на македонското малцинство во Бугарија, а како сериозен проблем на соседите ги посочуваат расистичкиот говор кон Македонците и односот кон македонското малцинство, кое не е признаено од бугарските власти.

Како резултат на тоа, во Комисијата за малцинства нема македонски претставник. Македонците не се вклучени во програмите што се однесуваат на етничките заедници и не добиваат каква било помош од државата за зачувување и развој на нивната култура и идентитет. Во училиштата не се изучуваат македонскиот јазик или историја… Од друга страна, пак, Комисијата за следење на обврските на земјите-членки на ЕУ, договорот за добрососедство со Македонија го препознава како – „напредок на Бугарија“, но германскиот парламентарец Франк Швабе и унгарскиот Золт Немет, изразија загриженост поради непризнаеното македонско малцинство.

Сепак, за издвојување е фактот дека, според споменатиот извештај, Македонците не се „ексклузивна жртва“ на говорот на омраза и расизам во Бугарија, туку „расистичкиот и нетолерантен говор на омраза во политичкиот дискурс“ е насочен и спрема Евреите, Турците, Ромите и муслиманите.

Во извештајот, исто така, стои дека бугарските власти треба да преземат сериозни напори за системски и безусловно да го осудат говорот на омраза, вклучувајќи ги и препораките од последниот извештај за расизам и нетолеранција на Европската комисија (ЕЦРИ).

– Македонското малцинство не е признаено од страна на бугарските власти поради строгата примена на формалните критериуми, иако оваа група повеќепати ја изрази својата желба да ги има поволностите за заштита со Рамковната конвенција за заштита на малцинствата – се вели во извештајот.

Исто така, во извештајот на ПССЕ се заклучува дека сѐ уште не е регистрирана ниту една македонска организација или партија.

– Нашите соговорници тврдеа дека има дискриминација против членовите на нивната заедница – велат европарламентарците Швабе и Немет.

Во историјата на Бугарија, и како земја-кандидатка и како земја-членка на ЕУ, не е првпат таа да добие вакви забелешки (па и казни) во однос на непочитувањето на правата на малцинствата. Пред Судот за човекови права во Стразбур има предмети на Македонци од Бугарија, кои бараат, меѓу другото и регистрација на „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија“… Познат е ставот на бугарските власти дека се согласуваат и да ги плаќаат казните од европските институции, но и понатаму да продолжат да го практикуваат истиот однос спрема малцинствата. Сепак поради договорот за добрососедство со Македонија, ПССЕ забележува одреден напредок во однос на малцинските права на Бугарија, но во политичката практика тој договор евидентно не придонесува ниту за признавање на македонското малцинство во Бугарија, ниту за зголемена гласност на македонските здруженија таму, кои постојано бараат да бидат регистрирани.

– Македонските здруженија во Бугарија не можат да бидат гласни, зашто едноставно не им се дозволува уста да отворат. Во медиумските дебати, кога се говори за македонското прашање, ниту канат, ниту дозволуваат да се појавуваат претставници од македонските здруженија во Бугарија. И понатаму ако некој се изјасни како Македонец може многу лесно да стане жртва на системско деградирање. Ниту еден политички договор не може да ја промени таа свест во Бугарија за македонското прашање. Во нивниот образовен систем не се отстапува од стратегијата и на најмладите да им се вгради во свеста дека Македонците се одродени Бугари – вели академик Ѓорги Поп-Атансов, кој потекнува од пиринскиот дел на Македонија, денес во Бугарија.

По извештајот на ПССЕ, здруженијата на Македонците од Бугарија очекуваат реакција од македонските власти, иако, како што велат, договорот за добрососедство не промени ништо.

Сепак, нешто што би можело да се смета како реакција во контекст на забелешките за Бугарија од ПССЕ, е изјавата на македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.

– Јас сум убеден дека со Бугарија споделуваме крупни заеднички цели. Како соседи што потпишаа договор за пријателство, кој допира и до многу деликатни и емотивни прашања за двете страни, во смисла на историјата, јас сум убеден дека ќе најдеме начин низ почит кон другиот и пријателство да не ги загрозиме овие важни цели – изјави Димитров.

Извештајот на ПССЕ за Бугарија, само ги истакна односите на релацијата Скопје – Софија во изминатиот период, кои се затегнаа и околу спорот за Гоце Делчев. Европратеникот од владејачката ГЕРБ Андреј Ковачев, во телевизиско интервју (по извештајот) тврдеше дека Бугарија не се обидува да присвои ниту една историска личност.

– Тоа е апсолутно погрешно. Ние ништо не им земаме бидејќи тие се наследници на македонските Бугари. Тие се и нивни. Тоа треба да им го објасниме во тој нелицемерен дијалог. Никој ништо не зема затоа што тие се и нивни – вели Ковачев.

Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, замина во Софија во обид да ги измазни македонско-бугарските односи, по речиси едномесечната расправа за Гоце Делчев, но во македонската јавност не остави впечаток на решителност и убеденост за македонизмот на идеологот на македонската државност. Од другата страна и бугарскиот премиер Бојко Борисов направи обид за олабавување на затегнатата жица, со изјавата дека Гоце Делчев бил балкански Че Гевара (кој иако Аргентинец се борел во револуцијата на Куба). Според паралелата на Борисов, Гоце Делчев бил Бугарин што се борел за Македонија.

Во однос на работата на мешовитата образовно-историска комисија меѓу Македонија и Бугарија, чија задача е да се констатира историската фактографијата, а не да се дозволи ревизија на историските настани и личности, академик Поп-Атанасов изнесе мислење дека е убеден дека што и да се констатира, во Бугарија нема да се дозволи да се промени ниту запирка во нивните учебници.

– Бугарите, во никој случај нема да отстапат од својата долгогодишна стратегија на уривање на македонскиот национален идентитет. Според таа стратегија, содржана и во договорот за добрососедство, ние, Македонците, ќе станеме добри соседи кога ќе се осознаеме како Бугари. Зашто според бугарското гледање на историјата, Македонците се неосознаени Бугари. И убеден сум дека овој договор за добрососедство ќе го искористат целосно за бришење на сѐ што е македонско. Македонија, политички се најде во ситуација да влезе во долгорочната бугарска стратегија. Во оваа национална состојба треба сите да се обединиме, да ги надминеме партиските поделби за да си ги браниме историскиот, културниот и националниот идентитет – вели академик Ѓорѓи Поп-Атанасов.