Зоран Заев (голе лево) при потпишувањето на Преспанскиот договор

Нашиот весник издвојува пресек на ставови и мислења од наши истакнати дипломати во врска со најактуелното прашање во моментов, односно за спогодбата од Преспа. Нивните размислувања, кои се однесуваат на повеќе различни агли на спогодбата, се дел од најновото издание на публикацијата „Дипломатски летопис“, во издание на Дипломатскиот клуб во Скопје

Обврските од договорот од Преспа во оваа фаза од неговото спроведување се во рацете на политичарите во Грција. Следна постапка, по гласањето во тамошниот парламент, е Владата во Атина да го информира генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дека ја завршиле постапката. Веднаш по овој чекор, најавите се дека Грција ќе ја ратификува поканата за членство во НАТО на земјава, чекор по кој уставните амандмани што ги усвои македонското собрание влегуваат во сила и почнува да важи спогодбата. Токму во екот на овие историски случувања, нашиот весник издвојува пресек на ставови и мислења од наши истакнати дипломати во врска со најактуелното прашање во моментов, односно за спогодбата од Преспа.

Данчо Марковски, поранешен македонски амбасадор во Загреб, во својот осврт, насловен „Преспанскиот договор и меѓународната позиција на Република Македонија“, коментира зошто е сосема разбирливо тоа што поранешните и актуелните дипломати не можат да останат пасивни на актуелните случувања и зошто го коментираат овој значаен документ од многу поинакви аспекти и перспективи.

Марковски во своето четиво заклучува дека спогодбата наметнува општ заклучок, дека таа е на прагот да отвори нови историски европски перспективи и можности пред македонската држава и македонското ново и слободно граѓанско демократско општество.

Сашко Тодоровски, пак, во книгата „Преспанската спогодба, името идентитетот и ризиците“ истакнува дека Македонија била испречена пред дилемата: желба наречена „една држава“ и реалполитиката (народски кажано, врапче во рака).
Според Тодоровски, тоа е така уште од далечната 1936 година, а нашите предци ја решиле на најправилниот и најпрагматичен начин.

– Но и по пат на свесна грешка, или парс про тото, како правна и политичка фикција – тие знаеле дека овој дел на Македонија не е исто што и целата Македонија. Таа нивна одлука се докажала како исправна. Впрочем, ако се чекала или се прифатела екстремната варијанта, можеби и денес немаше да имаме национална држава на Македонците и сите наши другари – пишува тој.

Тодоровски напоменува дека од сето тоа произлегува дека уште во тој момент, како и повеќепати претходно, како и во иднина, сме биле во ситуација да го браниме својот идентитет, но тоа да го правиме во рамките на актуелните можности и актуелниот меѓународно-политички момент.

– Апсолутно хипотетичко е прашањето дали не требало уште тогаш да се наречеме северна или вардарска или горна Македонија, зашто, користејќи ги и нивните зборови: „народносната територија“ е поширок поим од територијата на која е формирана националната држава Македонија – пишува Тодоровски.

Дипломатот вели дека пораката е всушност крајно едноставна: името Северна Македонија не е само по себе опасност по идентитетот, но не е ниту крај за можните атаци врз тој идентитет.

– Едноставно, треба да бидеме свесни дека Преспанската спогодба е иден исчекор на повисоко ниво, а доколку идентитет повторно биде нападнат, постарата, сегашната или некоја идна генерација е должна да го брани и одбрани тој наш идентитет – пишува тој.

Според него, многу посебно е прашањето за македонското национално малцинство што беше од различни аспекти поврзано со Преспанската спогодба, и, најчесто, со негативна конотација.

– Можеби забуната произлегла од нецелосното разбирање на поимот „матична држава“. Најверојатно се превидува дека деловите на македонското национално малцинство што настанале пред 1947 година воопшто немале македонско државјанство и следствено на тој концепт, сфатен од „иселенички“ аспект, односно како држава чие државјанство таа личност го имала пред да емигрира – е комплетно правно неприменлив (настрана индивидуалното чувство и изјаснување) – објаснува авторот.

Благој Зашов, поранешен амбасадор во Букурешт, во својот дел од книгата, кој е насловен „Меѓународно-правните аспекти на Преспанската спогодба“, истакнува дека меѓународното право е обид да се регулираат односи меѓу две држави на рамноправна основа, но таа рамноправност за жал е релативна, што се покажа и во конкретниот случај.

– Меѓународното право често се крши од „големите сили“. Меѓу нив се и оние што ја имаат моќта да блокираат нечие членство во меѓународни организации, зашто тоа произлегува од внатрешните правила на тие организации каде што се бара едногласност. Затоа, како и во многу други случаи, се покажа дека силата е над меѓународното право. Тоа се покажа конкретно и во случајот со пресудата од Хаг. Оттука, сметам дека нашата држава ќе биде „случај“ што ќе се изучува на универзитетите во светот во поглед на: приемот во ООН под привремено име – референца, непочитувањето на одлука на Меѓународниот суд на правдата, не само од Грција туку и од другите земји-членки на НАТО, и склучувањето билатерална спогодба на нереципрочна основа – пишува Зашов.

Дипломатот со жалење заклучува дека случајот со Република Македонија ќе биде уште еден доказ дека меѓународното право не се почитува, ако силата на една земја е поголема во однос на друга, а таа е присилена да прифати услови што во нормални околности не би го сторила.

– Но би додал дека придобивките што се постигнуваат со спогодбата од Преспа наоѓаат оправдување, кое долгорочно ќе се покаже како позитивно. Овој договор не е вообичаен, „нормален“ билатерален договор, како многу други што ги има потпишано Република Македонија. Тој не е само договор за пријателство и соработка, туку и многу повеќе. Со него се решава спор за кој се преговара долги години и кој ја чинеше оваа земја многу на патот на нејзиното етаблирање како нормална земја што сака да опстои во меѓународните односи преку членство во НАТО и во ЕУ – поентира Зашов.

Универзитетската професорка Мирјана Најчевска, пак, во својот експертски осврт „Човековите права во судир или во чекор со Преспанската спогодба“, документот го согледува од сосема различна перспектива.

Професорката пишува дека во сеопштата какофонија на идентитетските, територијалните, историските, контраимперијалистичките, пронационалистичките, рационално-ирационалните и етноемоционалните перцепции на спогодбата од Преспа, се заборава или, што е многу поверојатно, намерно се маргинализира, димензијата на човековите права и основни слободи содржани во оваа спогодба.

Според неа, спогодбата не е само за државите и за народите и за етницитетите и не се однесува само на решавање конкретна политичка ситуација и воспоставување меѓународно прифатливи односи на две соседни држави.

– Во најголемиот свој дел оваа спогодба е пред сѐ за граѓаните на двете држави, за индивидуите, поставувањето на дневен ред на нивните потреби, интереси и заштита на меѓународно гарантираните права и основни слободи – истакнува таа.
Најчевска во своето обемно излагање пишува дека со спогодбата се прифаќа концептот на човековата безбедност како поширок концепт од државната безбедност и како концепт што се базира на корпусот човекови права и основни слободи. Таа истакнува дека она што треба да се има на ум е дека спогодбата е алатка и, како и секоја друга алатка, може да биде употребена и злоупотребена, иако во самата спогодба има вградено контролен механизам, кој ја отежнува и ја ограничува можноста за злоупотреба.

Зоран Тодоров, пак, како член на Дипломатскиот клуб, ги анализира надворешнополитичките безбедносни импликации на Договорот од Преспа.
Тодоров, пишува за т.н. временска димензија на случувањата односно историски потврдениот ноторен факт дека за постигнување вакви комплексни решенија се потребни огромен дипломатски напор и долго време.

– Кратката анализа на сите постигнати договори и решенија и споредба со договорот од Преспа упатува на неоспорниот заклучок дека за ваков тип прашања времето за преговарање и склучување договори се мери во децении, а во некои случаи и со векови – пишува тој.

Дипломатот во својот заклучок истакнува дека со договорот од Преспа се постигнува решение за затворање на билатералниот спор со Грција, а сето тоа треба да овозможи членство на Македонија во НАТО.