По постигнувањето на Преспанскиот договор, САД сега се фокусирани на враќањето на Белград и на Приштина на преговарачката маса, чија цел е договор за меѓусебно признавање на овие две земји, токму преку т.н. преспански модел. Македонското искуство со меѓународните договори, главно креирани во САД, покажува дека со нивното ревидирање, обично македонската страна е принудена на уште повеќе отстапки и на дерогирање на сопствената државност и национален идентитет

Водењето политика според принципот на сврзани садови го карактеризира односот на САД и на ЕУ спрема регионот што го нарекуваат Западен Балкан, а во кој ги подразбираат земјите Македонија, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Неодамна, специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, т.е. заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер, во интервју за словенечкиот медиум „Дело“, како и за српската агенција Танјуг, изјави дека е свесен за својата тешка задача во однос на сложената состојба во регионот. Осврнувајќи се на состојбите во односите меѓу Србија и Косово, во Македонија, како и во Босна и Херцеговина, интересна е неговата констатација дека „Дејтонскиот договор (со кој беше прекината војната во БиХ, во 1995 година) никогаш не бил замислен како фиксна рамка, туку како рамка што се менува. Но повеќе сум склон кон еволуција, отколку кон револуција во влијанието на тој договор“. Ваквиот релативизирачки однос на Палмер спрема меѓународните договори за решавање на балканските состојби, на кои главен креатор се САД, отвора простор за прашањата и за важноста и долговечноста и на Преспанскиот договор, кој минатата година Македонија го потпиша со Грција, по кој следуваа уставни промени во земјава и промена на уставното име.

– За Американците, кои се креатори на сите балкански договори, тие се обврзувачки сѐ додека им служат на нивните интереси. Во моментот кога тоа нема да биде случај, тие веќе стануваат релативни, не се почитуваат од страна на Вашингтон и се толкуваат на начин што им одговара ним. Најдобар пример за тоа е Привремената спогодба, која со 95 отсто од одредбите беше во корист на Грција, а единствениот позитивен момент во неа за Македонија беше обврската на Атина да не нѐ попречува во меѓународните интеграции. Кога дојде тоа на ред, приемот на Македонија во НАТО и во ЕУ, со што се елиминира можноста за преименување на државата, за Вашингтон и за Атина таа одредба од Привремената спогодба веќе не важеше. Сега Палмер истото тоа го прави и со Дејтонскиот договор, а порано САД го игнорираа и Кумановскиот договор – смета македонскиот дипломат Ристо Никовски.

По постигнувањето на Преспанскиот договор, САД сега се фокусирани на враќањето на Белград и на Приштина на преговарачката маса, чија цел е договор за меѓусебно признавање на овие две земји, токму преку т.н. преспански модел Говорејќи за потребата за постигнување компромис за тоа прашање, Палмер рекол дека е важно „идниот договор да не биде напишан во Вашингтон и наметнат на двете страни, зашто тоа би значело идна нестабилност. Од друга страна, со непотпишување спогодба, сите би биле во загуба“ – наведува американскиот дипломат, а за да не се случи тоа, двете страни „може да сметаат на пријателството, поддршката и активниот ангажман на САД“. Во таков контекст, Палмер го истакнал Преспанскиот договор меѓу Грција и Македонија како „најголемо дипломатско достигнување во регионот“ во последниве години, но нагласил и дека сега е ред Европската Унија да го исполни својот дел од обврските и на македонските граѓани да им овозможи европска визија.

Македонското искуство со меѓународните договори, главно креирани во САД, покажува дека со нивното ревидирање, обично македонската страна е принудена на уште повеќе отстапки и дерогирање на сопствената државност и национален идентитет. Преспанскиот договор е креиран и прифатен, според аргументите на потписниците, за отворање на евроатлантските интеграции, односно за побрз прием во НАТО и започнување преговори за членство во ЕУ. Повеќе од една година по неговото потпишување, ефектите од овој договор се помалку од половични: започната процедура за целосно членство во НАТО, но сѐ уште далеку дури и од датум за започнување преговори за членство во ЕУ. Притоа, Грција најавува дека евроинтегративниот процес на Македонија максимално ќе го искористи за остварување на својата цел – ексклузивност на името и брендот Македонија.

– Што се однесува до нашата капитулација од Преспа, Грција веќе најави дека таа ќе се проширува и можеме да бидеме уверени дека тоа беше и намерата на Вашингтон, што значи дека и понатаму ќе му дадат целосна поддршка на процесот – заклучува дипломатот Ристо Никовски.

Една година по потпишувањето на Преспанскиот договор, ефектите се помалку од половични
Фото: Игор Бансколиев