Фото: Дарко Андоновски

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера го презакажа терминот за распишувањето на претседателските избори од 17.30 во 18 часот. Во исто време во грчкиот парламент требаше да се ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО. Временското усогласување на термините и синхронизираното распишување на изборите во Македонија со ратификацијата на протоколот во Грција внесоа дополнителна доза драмска тензија за можно заемно договорено официјализирање на новото именување на Македонија. Според законските одредби, новото име треба да стапи во сила во моментот на ратификација на протоколот во Грција

Според Преспанскиот договор и уставниот закон за спроведување на измените во досегашниот македонски устав, новото договорено име за државава, Република Северна Македонија, ќе стапи во сила кога грчкиот парламент ќе го ратификува протоколот за членство на нашата земја во НАТО. Гласањето за НАТО-протоколот во парламентот во Атина беше планирано за вчера, околу 19 часот по локално време. Резултатот од гласањето истовремено, според претходното, требаше да претставува сигнал за властите во Македонија да почнат да го применуваат новото име.

Се чини дека таквото исчекување вчера беше особено важно во кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој уште од порано најави дека во текот на вчерашниот ден, 8 февруари, ќе ги распише изборите за претседател на државата за тие да можат да се одржат на 21 април и на 5 мај. Но иако првично потпишувањето на актот за распишување на претседателските избори беше закажано во 17.30 часот, тоа подоцна беше одложено за 18 часот. Со оглед на временската разлика од еден час во Грција и во Македонија, логично се наметнуваше заклучокот дека Џафери мигот на распишување на изборите го темпирал за да има поткрепа на актот да биде наведено оти тие се спроведуваат за избор на претседател на Република Северна Македонија. Првично, уште додека не беа изгласани уставните измени во македонското собрание, Џафери најавуваше дека претседателските избори ќе ги распише на 2 или 3 февруари.

Во меѓувреме, Преспанскиот договор се ратификува и во македонскиот и во грчкиот парламент, но стана извесно дека ратификацијата на НАТО-протоколот во Атина не може да се случи до првично најавениот рок за распишување претседателски избори во Македонија, па беше најавен нов датум – 8 февруари. Па така, усогласувањето на моментот за ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО, што се одвиваше во Атина, со распишувањето на претседателските избори во Скопје веројатно било со дополнителна драмска тензија за синхронизирано официјализирање на актите во двете земји, кои би го означиле почетокот на новото именување на Македонија. Во таа насока оди и вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев, кој, меѓу другото, кажа дека се надева оти Северна Македонија – новото име на нашата земја, ќе биде и во функција по гласањето во грчкиот парламент.

Фото: Дарко Андоновски