Првите вакцини пристигнаа, вакцинација од среда

Со донацијата на првите 4.680 вакцини од соседна Србија, македонските здравствени работници в среда ќе започнат со имунизацијата против коронавирусот во Македонија. Српскиот претседател Александар Вучиќ, на вчерашното примопредавање на првата пратка вакцини против ковид-19, посочи дека Србија нема никакви други интереси освен да покажува пријателство кон македонскиот народ. Примопредавањето се одвиваше на граничниот премин Табановце, каде што го пречека македонскиот премиер Зоран Заев со своите најблиски соработници.
– Среќен сум што успеавме да го направиме ова, можевме уште пред десетина дена, но имавме многу проблеми со дозволата за извоз, има неверојатно сложени процедури. Србија нема никакви други интереси освен да покажува пријателство кон македонскиот народ. Ништо друго не нè интересира, освен нашето пријателство да напредува и да живееме како најблиски соседи и најдобри пријатели. Вистински пријател е оној што ќе ви се најде кога ви е тешко, а не кога ви е лесно – изјави Вучиќ.
Заев рече дека првата пратка од над четири илјади вакцини од „Фајзер“ е драгоцен чин на пријателство од братска Србија и е поддршка и прва помош додека стигнат вакцините што ги имаме нарачано.

– Оваа солидарност и поддршка се израз на традицијата во регионот, првата рака на помош да му се подаде на најблискиот сосед. Овој чин им дава светла перспектива на односите меѓу Македонија и Србија – кажа Заев и им се заблагодари и на македонските пратеници од српска националност Иван Стоиљковиќ и Мирослав Јовановиќ, кои многу се ангажирале за да се оствари донацијата.
Заев дополни дека деновиве ќе стигне и остатокот до 8.000 вакцини од Србија и со тие вакцини ќе бидат покриени сите медицински лица што работат во ковид-центрите.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека вакцинацијата ќе почне в среда, а први ќе бидат здравствените работници. Вакцините од Србија ќе влезат во Националниот оперативен план и веќе се утврдени приоритетните групи како и онлајн пријавувањето.
Пратката вакцини од Србија требаше да пристигне пред неколку дена, но беше одложено поради технички причини, поради усогласување на техничката документација. Станува збор за вкупно 8.000 вакцини од „Фајзер“ што ни ги отстапува Србија, а кои неколку недели чекаа на одобрение од производителот.
Покрај оваа пратка, набрзо се очекува и испорака на 200 илјади дози вакцини од Кина, за кои е потпишан договор.