Според епидемиологот Даниловски, ретко се случува да се појават лекови со речиси 90 проценти ефикасност и 100 проценти заштита од смрт

Експериментални лекови што се покажаа многу ефикасни против развивање потешка форма на болеста

Дали покрај вакцината против ковид-19 на повидок е нов начин за спречување на пандемијата на ковид-19, но и за ефикасно лекување на заболените пациенти? Научните откритија се насочени кон лек и веќе велат дека го имаат две фармацевтски компании. Последните информации се дека американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“ објави дека неговиот експериментален лек се покажал многу ефикасен во намалувањето на развивањето потешка форма на коронавирусот.
„Фајзер“ објави дека неговата антивирусна пилула против коронавирус ја намалила стапката на хоспитализација и смртност за речиси 90 проценти.
Компанијата сега бара брзо одобрување на лекот.
Соопштението на компанијата доаѓа еден ден откако Обединетото Кралство даде зелено светло за апчиња против коронавирус, што ја прави првата земја во светот што го сторила тоа.
Според епидемиологот Драган Даниловски, штотуку почнала да се распламтува еуфоријата поради појавата на „молнупиравир“ на фармацевтскиот гигант „Мерк“, чудесниот лек што го намалувал ризикот од хоспитализација поради ковид за 50 проценти и штотуку во Обединетото Кралство први го одобрија за употреба, а земјите во Азиско-пацифичкиот Регион побрзаа да го купат.
– Потоа, откако „Мерк“ објави дека ќе дозволи лекот да се произведува и продава евтино, само за 20 американски долари по третман (од пет дена) во земјите во развој (наместо 712 долари, колку што се согласи да плати Америка), одекна како бомба уште една вест – овој пат од еден друг гигант, „Фајзер“! На човештвото му нудат лек против ковид-19, за кој „Фајзер“ соопштил дека ја намалува стапката на ризик од хоспитализација и смрт за речиси 90 отсто! Имено, фармацевтскиот гигант открил дека пациентите што го земале лекот заедно со друг антивирусен лек („ритонавир“) имале 89 отсто намалување на комбинираната стапка на хоспитализација или смрт по еден месец, во споредба со пациентите што земале лажна пилула. Помалку од еден процент од пациентите што го земале лекот требало да бидат хоспитализирани и никој не починал. Во споредбената група, седум проценти биле хоспитализирани, а имало седум смртни случаи. Ретко се случува да се појават лекови со речиси 90 проценти ефикасност и 100 проценти заштита од смрт! – објаснува Даниловски.

Посочува дека „Фајзер“ изјавил дека ќе ги достави резултатите од привремените пробни резултати за својот лек, кој се дава во комбинација со постар антивирусен лек наречен ритонавир, до американската Администрација за храна и лекови (ФДА), како дел од апликацијата за итна употреба што ја поднеле во октомври.
– Комбинираниот третман, кој ќе се вика „паксловид“ („паxловид“), се состои од три таблети што се даваат двапати дневно. Највисоките американски здравствени претставници, сепак, истакнале дека вакцинацијата ќе остане најдобрата заштита од инфекција, но медикаментозните третмани лесни за употреба ќе бидат клучни за спречување можни идни бранови на зарази – објаснува епидемиологот.
„Фајзер“ ги објави прелиминарните резултати од студијата извршена на 775 возрасни лица. Помалку од 1 отсто од пациентите што го земале лекот морале да бидат хоспитализирани и никој не починал.
– Се надевавме дека ќе имаме нешто необично, но ретко е да се видат одлични лекови со речиси 90 отсто ефикасност и 100 отсто заштита од смрт – рече д-р Мајкл Долстен, главен истражувач во „Фајзер“.
Учесниците во студијата биле невакцинирани, со блага до умерена форма на ковид, кои имале висок ризик за хоспитализација поради здравствени проблеми како што се дебелина, дијабетес или срцеви заболувања. Третманот започнал во рок од три до пет дена од првите симптоми и траел пет дена.