Филипче: И натаму сметаме дека полициски час не е потребен

Ситуацијата е критична во нашата земја. Очекуваме резултати од мерките што се спроведени, но нема потреба од рестрикции. Иако сме подготвени и за такво нешто. Но и натаму сметаме дека нема потреба од полициски час, рече меѓу другото министерот за здравство Венко Филипче на вчерашното заедничко обраќање со министерката Радмила Шекеринска, на која се заблагодари за помошта со амбулантни возила во овие моменти на пандемија. Имено, пет болнички возила на АРМ им беа ставени на располагање на здравствените работници во борбата против пандемијата на коронавирусот.
Филипче рече дека сегашните мерки ќе дадат резултати и уште еднаш побара да се почитуваат.
– Ние и сега имаме забрана за работа на локалите по 21 часот, потоа забрана за групирање, со што сметам дека мерките ќе дадат резултати во наредните недели – кажа Филипче.
Министерот истакна дека ниту една мерка не може да даде резултати веднаш.


Лекари специјализанти: Не е во ред да работиме во ковид-центри без
осигурување

Здружението на лекари специјализанти во отворено писмо до јавноста и премиерот Зоран Заев порачува дека спротивно на основните човечки принципи е да се бара специјализант без здравствено осигурување да работи во ковид-центар.
– Правото на живот и здравје е загарантирано со конвенција за човекови права, а приватните специјализанти не треба да бидат исклучок од тоа. Сечиј труд треба да биде признаен преку негова адекватна валоризација и во тоа име мора да има платени дежурства за секој специјализант до крајот на специјализацијата. До кога државата и Министерството ќе дозволуваат и толерираат специјализантот да биде поставен на маргините на здравствениот систем? До кога ќе биде потребно јавно да апелираме за стекнување на основните права и услови што ни следуваат? Не претставувајте нѐ пред општеството како да бараме премногу. Запомнетe, ние го бараме само основното – се вели во пораката.
Приватните специјализанти е потребно да лекуваат пациенти во јавно-здравствените установи, но доколку тие самите станат потенцијални пациенти, тогаш за нив јавното здравство не постои, реагираат тие.


Заев оптимист за Бугарија

Останувам оптимист, иако постои голема веројатност да не постигнеме договор со Бугарија, рече во изјава премиерот Зоран Заев. Според него, преку оптимизам се испраќа порака дека Македонија прави сѐ за да постигне решение.
– Јас сум истиот тој што на 11 Октомври, празникот, го запознав нашиот народ дека е можно да немаме решение, односно да не се одржи првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и Европската Унија – рече Заев.
Заев вели дека во Собранието не се отвора расправа за спорот со Бугарија бидејќи разговорите се во финална фаза и, според него, тоа опозицијата може да го искористи за да добие политички поени.
– Имаме обврска државата да оди напред и да успева, би било дегутантно што било да направиме што процесот на разговори може да го доведе во прашање – кажа тој.