Брзите тестови бесплатни за граѓаните

Брзите тестови во Здравствениот дом од вчера се бесплатни за граѓаните, информираат од Министерството за здравство. Оваа установа минатата недела набави четири илјади брзи тестови, а цената изнесуваше 1.000 денари.
По добиената донација од 13 илјади теста, Здравствен дом договори со доставувачот да ги повлече претходно купените тестови и да се користат само тестовите донирани од Министерството за здравство, кои ќе бидат бесплатни за граѓаните. Лицата што беа тестирани во текот на завчерашниот ден ќе бидат повикани и средствата ќе им бидат вратени.


Левица: Да се стави на дневен ред декларацијата за осуда на бугарските претензии

Во пресрет на најавеното бугарско вето за почеток на преговорите за членство во ЕУ, пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, до претседателот на Собранието, Талат Џафери, поднесоа официјално писмено барање за ставање на предлог-декларацијата за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии како точка на дневен ред за наредната пленарна седница.
Ова пратеничко право, како што велат тие, им го даваат членот 14 од Законот за пратениците и членот 69 од Деловникот на Собранието, кој предвидува дека секоја втора редовна седница претседателот е должен да стави точка на дневен ред по барање на парламентарната опозиција.
„На следната тековна 20. седница не беше ставен никаков предлог на опозицијата, па оваа наредна седница е следната на која опозицијата има право да предлага да се стави точка на дневен ред, а вие сте должен тоа да го сторите преку една, односно на секоја втора редовна седница во согласност со цитираниот член од законот“, стои во барањето.


Младите ќе учествуваат во креирањето образовни политики

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, учествуваше на онлајн состанок на работната група на Министерството за образование и наука и студентски претставници и млади, на кој беше усвоен деловникот за работа и беше избран претседавач.
– Студентите и младите се еден од клучните партнери на министерството во креирањето успешни политики со кои ќе создадеме современо и квалитетно образование, но и ќе работиме на подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард. Затоа сите законски решенија, политики и мерки ќе поминуваат низ оваа работна група од која очекувам посветеност, иницијатива и идеи со кои ќе ги менуваме работите на подобро – рече министерката Царовска.
Младите најавија дека активно ќе работат на креирање младински политики. Во работната група МОН – МЛАДИ учествуваат претставници на младинските организации, Универзитетско студентско собрание и Сојузот на средношколци.