Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница одби осум од девет приговори поднесени од ВМРО – ДПМНЕ за прекршување на Изборниот законик и Законот за корупција и судир на интереси, од распишувањето на претседатеските избори.

За приговорот во однос на злоупотреба на имот во сопственост на Општина Шуто Оризари за одржување прес-конференција од страна на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, ДКСК побара дополнителни информации од локалната самоуправа за сопственоста на објектот, за кој овластените претставници од Шуто Оризари на седницата тврдеа дека посочениот објект односно салата во која е одржана прес-конференцијата во приговорот не е во сопственост на Општината.

ДКСК за приговорот за можен судир на интереси во однос на објавениот повик за субвенции од страна на Град Скопје за велосипеди по принципот прв пријавен прв услужен, констатира дека досега нема изврешено никаква исплата на барател и во тој дел приговорот се одбива. Меѓутоа, беше истакнато пред градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов кој беше присутен на седницата, предметот не е затворен и писмено ќе се побара од надлежниот јавен обвинител во рок од 30 дена да ја извести комисијата за преземените активности до аспект на доброто управување, што би можело да предизвика прекршување Изборниот и Законот за борба против корупција и судир на интереси.

Шилегов истакна дека многу се внимава да не дојде до законски прекршувања, а се работи за Програма како редовна активност, за субвенционирање велосипеди и затоа нема дополнување за самата исплата. Потврди, дека досега нема исплатено ниту денар по таа основа, ниту е донесено какво било решение.

– Не станува збор за правен проблем, мислам дека се работи за политичко поднесување на овој тип приговори, со цел да се направи некакво алиби за очигледниот дебакл што ќе го доживеат на претседателските избори, рече градоначалникот Шилегов.

Другиот приговор од ВМРО – ДПМНЕ за активност на Град Скопје, а беше одбиен, се однесуваше на објавениот оглас за набавка на современи уреди за затоплување – инвертери, во насока за заштита на животната средина. ДКСК смета дека немало прекршување на Изборниот законик.

Одбиени се приговорите за објавен оглас за вработување на 116 сезонски работници од страна на АД „Водостопанство“ за реконструкција на дел од ул. „Јуриј Гагарин“ во Општина Карпош, за доделување 150 пакети со храна и основни животни намирници на семејства со висок социјален ризик од страна на Општина Центар, за што беше образложено дека се работи за заедничка активност со невладина организација, а средствата се донација и не се одвоени од општинскиот буџет. Одбиен е и приговорот за владиниот повик за финансиска поддршка на Здруженија и фондации за нивните програмски активности, со вкупно грант од 12 милиони денари, бидејќи постапката е ставена во мирување се до завршување на изборите. Одбиени се и приговорите од ВМРО – ДПМНЕ во однос на јавниот повик од страна на Агенцијата за вработување за невработените лица до 34 години да се вклучат во програмата за практиканство, како и за објавениот оглас од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство односно од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, кој се однесува на отпочнување на постапката за поднесување барања за користење средства за реализација на мерките воспоставување локални акциски групи и реализација  стратегии за локални еконосмки развој на рурални средини се обезбедени во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година.