Нема основа за кривична одговорност, но има за етичка, констатира Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на вчерашната седница на која бил разгледуван предметот за можен судир на интереси со стечајот на Еуростандард банка и депозитот на министерката за финансии Нина Ангеловска.

– Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) не утврдува кривична одговорност, но од етички аспект го отвора прашањето од високо ниво и ќе препорача да се доуредат прописите, особено меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Министерството за финансии и преостанатите регулаторни тела, со тоа што ќе се додадат уредби со кои ќе се регулира судирот на интереси, ќе се предвиди како тој да се спречи особено оној момент каде што се кажува дека одредени носители на функција имаат можност да располагаат со информации и истите тие да ги искористат за себе или да обезбедат корист за некој друг – изјави по седницата претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Таа додаде дека заклучокот е донесен врз основа на целокупната документација прибавена од Министерството за финансии и од Народната банка.
– Со стапување на функцијата, министерката за финансии по службена должност располагала со информации и податоци за движењата на банкарскиот и на финансиските пазари и имала можност да ги дознае податоците поврзани со банката, каде што таа е клиент, а не биле достапни за другите штедачи во таа банка. Овие информации и податоци можеле да имаат влијание врз донесувањето на нејзината одлука поврзана со депозитот во таа банка, со што таа имала предност пред преостанатите штедачи во банката – нагласи Ивановска.