Фото: Дарко Андоновски

Никој од Македонија не може да ни каже дека немаме право да се изјаснуваме за македонскиот идентитет затоа што живееме надвор од земјата. Точно дека живееме надвор, но и таму ние се декларираме како Македонци. Ние не се откажавме од македонскиот идентитет заминувајќи во странство, вели адвокатот од Женева, со македонско потекло, Димитар Морарцалиев

Интервју: Димитар Морарцалиев, адвокат по деловно право во Женева, Швајцарија

Димитар Морарцалиев е адвокат од Женева, Швајцарија, чија специјалност е деловното право. Роден е во Скопје, но најголемиот дел од животот го има минато, а и образованието го има стекнато токму во Швајцарија. Всушност, правните студии и специјализациите ги стекнува и завршува на универзитети во Париз (Франција), Луксембург и во САД. Течно говори четири јазици, но кога го говори мајчиниот македонски јазик, воопшто не се чувствува некој туѓ акцент.

– По страната на мајка ми, можам да кажам дека јас сум трета генерација во семејството што е израснат во Швајцарија и кој е државјанин на таа земја. Мојот дедо заминал во Швајцарија уште во 1966 година. Но јазикот на кој дома секогаш сме говореле бил и е македонскиот, кој е мој мајчин јазик. Мислам дека Македонците од дијаспората, кои кога говорат македонски јазик со одреден акцент, по малку се прават важни. Јас говорам четири јазици, речиси секојдневно и секој го зборувам со соодветниот акцент – вели Димитар Морарцалиев, кој деновиве дојде на подолго време во Македонија, загрижен за иднината и судбината на земјата пред историското искушение на кое е ставена со референдумот на 30 септември. Запознаен е со постоењето на организации на македонската дијаспора во Швајцарија, но тој самиот не е активен во нив, а загриженоста за иднината на Македонија во овој миг го предизвика поактивно да се ангажира индивидуално, но во родната земја.

Постои ли организирана македонска дијаспора во Швајцарија?
– Постои, меѓутоа е многу разединета. Има една Македонска црква во кантонот Луцерн, која најмногу се посетува. На некој начин таа е центарот на македонштината во Швајцарија. Но има и повеќе други здруженија во Швајцарија што го поддржуваат и поттикнуваат македонизмот.

Дали вие лично сте активен во некоја организација на македонската дијаспора во Швајцарија?
– Не, лично не сум активен во некоја организација на македонската дијаспора во Швајцарија. Некако не чувствував потреба. Од друга страна, во Швајцарија се вратив пред четири години. Претходно бев на студии во Луксембург, во Париз (Франција), во САД, така што и немав многу контакти со Македонците во Швајцарија и воопшто со македонската дијаспора. Но сега, поради оваа состојба на Македонија, која е соочена со носење историски одлуки за нејзината иднина и судбина, почнав да се поврзувам со Македонците од дијаспората, но и поцврсто со Македонците во Македонија. Можеби еден позитивен аспект на оваа спогодба од Мала Преспа е тоа што луѓето што си ја сакаат татковината почнаа да се поврзуваат.

Кога се заинтересиравте за политичките состојби и превирања во Македонија, особено што имате европски професионални перспективи и обврски како адвокат во Женева?
– Отсекогаш сум бил заинтересиран за македонизмот, иако сум израснат и моето образование го стекнував во Швајцарија. Уште на мојата шест-седумгодишна возраст, татко ми успеваше да ме заинтересира со неговите кажувања за Македонија, но и ме поттикнуваше да читам сѐ што е поврзано со Македонија. Историјата на модерна Македонија ја немам учено на училиште, но таквите сознанија ги добивав од моите родители. Уште од најрана возраст имав изградени ставови, зашто ме интересираше историјата – не само на Македонија туку воопшто историјата. Поактивно почнав да се ангажирам околу македонското прашање во 2007 година, кога заминав на студии во Париз. Се почувствував осамено, одделено од семејството и се здружив со други луѓе, Македонци во Париз, па отворивме фејсбук-група за Македонија и за македонизмот. Кога завршив со студиите и започнав да ја градам професионалната кариера, малку се оддалечив од македонските прашања… Но пред една година се вратив во Женева и почнав поактивно да ги следам случувањата во Македонија и констатирав процеси што не ми се допаѓаа, па повторно се заинтересирав и да се активирав.

Во овој историски одлучувачки момент за иднината и постоењето на Македонија пред референдумот, запознаени ли се луѓето од македонската дијаспора во Швајцарија за што, всушност, треба да се одлучува?
– Постои голема заинтересираност за тие прашања. Можам да кажам дека луѓето во големо мнозинство се против какво било преговарање за името, идентитетот и за јазикот. Меѓутоа има еден мал дел од дијаспората што на некој начин ја поддржува спогодбата од Мала Преспа. Сепак, сметам дека многу поголем е делот, повеќе од 75 отсто, што воопшто не поддржува какво било преговарање за темелните прашања на државноста на Македонија. А оние дваесетина отсто што ја поддржуваат спогодбата, верувам дека имаат таков став зашто воопшто не ја прочитале неговата содржина. Потоа, не ги гледаат последиците од таквиот договор. Тоа се луѓе што ја проценуваат состојбата во Македонија само од економска гледна точка, но не и од социјална, демографска, историска, културана перспектива. Тие ги земаат предвид само ветувањата за подобра економска иднина и на тоа застануваат.
Морам да признаам дека ние надвор од Македонија пред да кулминираат преговорите со потпишување на спогодбата во Мала Преспа многу малку знаевме што всушност се случува во тој процес на разговори со Грција. Тие што не се интересираа, што не се враќаа во Македонија толку често, што немаа семејство што ги известуваше за случувањата во земјата, не знаеја речиси ништо за процесот на преговори. Проблем е што во дијаспората сме многу малку информирани за тоа што се случува во Македонија. Всушност, интересот на дијаспората за Македонија најмногу се сведува на тоа, да доаѓа две-три седмици на одмор во татковината, да потроши пари и не сака да се заморува со политика.

Велите дека македонската дијаспора не била многу заинтересирана за политичките случувања во земјата пред овој одлучувачки референдум за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на спогодбата од Мала Преспа. Дали со тоа им давате за право на оние што велат дека дијаспората нема морално право да одлучува за иднината и судбината на Македонија?
– Луѓето што постојано живеат во Македонија навистина треба само тие да се изјаснуваат за нивните секојдневни потреби, како екологија, економија, бизнис… Меѓутоа има некои работи што се над секојдневието. А тоа е идентитетот на македонскиот народ. Тоа е она што го споделуваме сите – и од дијаспората и тие што постојано живеат во Македонија. И никој од Македонија не може да ни каже дека немаме право да се изјаснуваме за македонскиот идентитет затоа што живееме надвор од земјата. Точно дека живееме надвор, но и таму ние се декларираме како Македонци. Ние не се откажавме од македонскиот идентитет заминувајќи во странство.

Од друга страна, имате ли сознанија колку граѓаните на Европа што не се македонска дијаспора, а со кои имате контакти (Швајцарија, Германија, Франција, Луксембург…) се запознаени со сложеноста на македонското прашање и сега со предизвикот поставен на референдумот?
– Граѓаните на Европа воопшто не се запознаени со македонското прашање. Можам слободно да кажам дека 99,9 отсто од луѓето во Европа не се запознаени со македонското прашање. Можеби мал дел од нив слушна нешто кога се потпиша спогодбата во Мала Преспа и тогаш нивниот став беше: „Добро е, конечно најдовте решение за спорот“. Тие сметаат дека се работеше само за спор за името на државата, па заклучуваат дека е добро што конечно е најдено решение. Ниту се споменува ЕУ ниту НАТО, како некаква „награда“ за решение на спорот за името… Во Европа воопшто не знаат дека со спогодбата од Мала Преспа се бришат македонските малцинства, се менува идентитетот на нацијата, на јазикот… Сметам дека и нашите најблиски соседи не знаат што се значи таа спогодба од Мала Преспа за Македонија, какви последици и промени ќе доживее. Ниту Грците, Бугарите, Албанците, Србите, Косоварите, Хрватите, Словенците… не знаат какви стапици содржи за Македонија тој преспански договор. На нашите соседи тоа не им е јасно, а не пак на некој Французин, Германец, Швајцарец…

Како ја доживувате сета таа силна меѓународна поддршка на спогодбата и повик за одѕив на референдумот на 30 септември?
– Можам да кажам дека Столтенберг, човекот што во последно време во Македонија се споменува повеќе од Гоце Делчев, речиси никој не го знае во ЕУ. Тој е само административец на НАТО. Не само Столтенберг, и Могерини не ја знае никој од граѓаните во ЕУ. Тие луѓе се недемократски избрани од страна на Европската комисија и граѓаните на ЕУ не ги познаваат, зашто тие се само административци. Можеби имаат важна и голема улога во административните структури на ЕУ, но не се директно избрани од граѓаните на ЕУ. За народот да ги познава тие луѓе, треба да ги избере. А тие не се избрани од народот во ЕУ.

Која е целта на вашите активности во Македонија во моментов?
– Сакам да пронајдам луѓе што ќе го освестат македонскиот народ. Штетната политика што се води триесетина години доведе до оваа штетна спогодба од Мала Преспа.

Помалку од дваесетина дена останаа до одржувањето на референдумот. Верувате ли дека за дваесетина дена може да се санираат штетите од, како што велите, штетните политики што се воделе 27 години?
– Може да се исправи за еден ден, а тоа е бојкот на референдумот! Тоа ќе даде јасен став од народот до политичарите дека измамничката политика веќе не поминува и дека треба да се размислува за една сериозна алтернатива, водена од чесни луѓе.

Како гледате на ставот на опозицијата, која им сугерираше на граѓаните да постапат во врска со референдумот според своето срце, разум и совест?
– Однесувањето на опозицијата, не само со последната препорака до граѓаните, туку од 17 јуни досега, претставува губитнички став. Една мудра опозиција, која стои зад своите базични статуси, не може да остави една влада таков штетен договор да истера докрај. Една здрава опозиција требаше да организира масовни протести, требаше да се бори со какви било средства… Но опозицијата не покажа никаков отпор!

Фото: Дарко Андоновски