Претставниците на парламентарните партии во македонското Собрание на првата средба во рамки на дијалогот „Жан Моне“ одржана во Охрид постигнаа согласност за промоција и придвижување на интегративниот процес кон ЕУ.

Истовремено, соговорниците се согласија за спроведување институционални реформи, меѓу кои и оние што се однесуваат на Собранието како институција од која граѓаните очекуваат да испорача резултати на евроинтегративниот пат.

Во заклучоците усвоени од разговорите уште се наведува нивната подготвеност кон негување на духот на дијалог и компромис, како и зајакнување на легислативните и надзорните капацитети на Собранието, како аспекти од клучна важност за членството на земјата во ЕУ.

– Реално сме убедени дека нашиот дијалог нуди вистинска можност да се стави Собранието не само во центарот на градење консензус во врска со законодавството за поддршка на реформската агенда на ЕУ, но и да ја предводи истата, употребувајќи ја сета своја демократска легитимност, проверка и легислативна надлежност. Со цел да се задржи реформскиот моментум, се согласивме да воспоставиме механизам за имплементација кој би обезбедил постигнатиот политички консензус да се проследи во соодветните тела на Собранието – се наведува во заклучоците од состанокот.

Делегациите на парламентарните партии во рамки на првиот состанок од „Жан Моне“ дијалогот постигнаа консензус по четири клучни области од работата на Собранието и тоа потребата од изготвување Етички кодекс за однесувањето на самите пратеници во и надвор од Собранието, реформи на Деловникот на Собранието за што би била формирана Работна група, соодветни мехамизми за имплементација на договореното во рамки на Дијалогот, што исто така би го спровела Работна група за реформи и работа на Собрание, како и натамошна соработка на административно ниво меѓу Собранието и Европскиот парламент, што би вклучувала и размена на најдобри практики и техничка експертиза.