Виктор Габер

Незадоволство и протест против заклучокот на Европскиот совет да го одложи одредувањето датум за почнување преговори на Македонија за влез во Европската Унијата изрази вчера и Дипломатскиот клуб – Скопје.

Претседателот на клубот Виктор Габер, во допис до медиумите, истакнува дека со оваа политичка одлука, на нашите граѓани и на државата им е нанесена тешка неправда по, како што вели, „нивната тридецениска плебисцитарна определба за влез во ЕУ и тешките реформи и компромиси за адаптација на македонското општество и исполнување на критериумите за почеток на преговори за таква интеграција“.

– Исклучително позитивните оцени за тие наши напори на огромното мнозинство на членките на Европскиот совет, а особено заедничкото писмо на европската четворка Лејен, Туск, Јункер и Сасоли, е потврда дека блокадата од една земја-членка е сама по себе политички и дипломатски парадокс и нејзина изолација од страна на мнозинството во тој совет. Без сомнение, така донесената одлука на Европскиот совет може да има и серија дестабилизирачки последици по развојот, безбедноста и мирот во Македонија и регионот. Поради некои внатрешнополитички калкулации во една членка на ЕУ, сметаме дека со оваа одлука се придонесува за настапување на ретроградни процеси на југоистокот на европскиот континент и, наместо просперитет и отворање перспективи, да дојде до загрозување на стабилноста во директно опкружување на Европската Унија – пишува Габер.