Фото: Игор Бансколиев

Се покажа дека без активности со цел остварување влијание врз процесите на подготвување и донесување ставови на ЕУ во врска со блокирањето на Македонија, ние не може да се надеваме на исчекор во споменатиот процес на придружување кон Унијата. Македонија остана буквално сама, па, така, ниту една Словенија, Хрватска, Австрија, Чешка, Словачка, Полска и другите европски земји што традиционално важеа за македонски пријатели и сојузници не се спротивставија на новата бугарска иницијатива за вметнување на бугарските услови во завршните заклучоци на Советот на ЕУ, туку едногласно ги прифатија?! Повеќе од извесно е дека ако земјава навреме лобираше во овие неколку пријателски земји, тогаш многу поопипливо ќе се добиеше одговор и став дека тоа што го бара Бугарија е во целосна спротивност со меѓународното право. Пропустот е направен што интеракциите не се направени од наша страна ниту со оние поранешни југословенски републики со кои речиси 50 години сме живееле во заедничка држава, а кои сега се членки на ЕУ. Преку една аргументирана кампања, со давање вистинити и целосни информации во врска со статусот на проблемот што го наметнува Бугарија, можеше да се појасни македонската позиција во однос на меѓународното право и неговото флагрантно прекршување токму врз нашиот пример

Потфрливме при лобирањето кон многу земји од кои во минатото имавме јасна поддршка втемелена на меѓународното право

Неполна недела по завршувањето на состанокот на Советот на Европската Унија, на кој Македонија повторно остана без долгопосакуваниот почеток на пристапните преговори, веќе може со малку постудени глави да се анализира каде потфрли земјава во напорите да избоксува датум.
Потфрлањето е дотолку поголемо што изминатите шест месеци со Унијата претседаваше Словенија, земја што важи за исклучително близок пријател и сојузник на Македонија, која можеше од позиција на претседавач да овозможи почеток на преговорите со Македонија и со тоа и самата да поентира како земја што успеала да го врати процесот на проширување во живот, како и да го подобри угледот на Унијата на овие простори, кој сериозно е нарушен.
Најдобра потврда дека земјава потфрли е успехот на Бугарија да ги вметне сопствените барања во завршните заклучоци на Советот на ЕУ, што е заслуга само на засиленото бугарско лобирање, со кое успеаја да ги убедат сите земји-членки на Унијата да прифатат нешто што нема никаква врска со европските критериуми за членство, продавајќи им ја бугарската приказна дури и на оние земји што важеа за традиционални македонски пријатели и кои минатата година го блокираа усвојувањето на заклучоците бидејќи не им се допаѓаше бугарскиот агресивен став кон земјава.

И традиционалните сојузници треба
постојано да се потсетуваат

Се покажа дека без активно лобирање, Македонија остана буквално сама, па, така, ниту една Словенија, Хрватска, Австрија, Чешка, Словачка, Полска и другите европски земји што традиционално важеа за македонски пријатели и сојузници не се спротивставија на новата бугарска иницијатива за вметнување на бугарските услови во завршните заклучоци на Советот на ЕУ, туку едногласно ги прифатија.
Повеќе од извесно е дека ако земјава навреме лобираше во овие неколку пријателски земји, тогаш многу појасно ќе можеше да им се каже дека тоа што го бара Бугарија е надвор од паметот и е во целосна спротивност со меѓународното право. Пропустот е направен што ваквото лобирање не е направено доволно барем во оние поранешни југословенски републики со кои речиси 50 години сме живееле во заедничка држава, а кои сега се членки на ЕУ. Преку една аргументирана кампања можеше да се појасни македонската позиција во однос на меѓународното право и неговото флагрантно прекршување токму врз нашиот пример. Меѓународното право е фундаментот врз кој постои светскиот поредок, така што македонските аргументи се едноставно несоборливи и затоа лобирањето кај пријателските земји ќе дадеше потстрек повеќе тие да се заложат за Македонија, бидејќи повеќе од јасно е на чија страна е правдата. Од друга страна, евентуалното одбивање на ваквите аргументирани сугестии ја прави и ЕУ соучесник во кршењето на меѓународното право, а во такво светло официјален Брисел уште помалку би сакал да биде претставен.
Мисиите на шефот на дипломатијата и на вицепремиерот за европски прашања во некои европски земји, како и посетите на високи странски политичари во земјава во пресрет на состаноците на европските челници се далеку од вистинско лобирање на начин како што тоа се прави насекаде во светот, туку нивните настапи се сведуваат на куртоазни дипломатски средби на кои се изразува безрезервна поддршка на Македонија, која не се ефектуира кога е најпотребно и кога се носат одлуките на ниво на ЕУ.
Земјава не ја искористи ниту позицијата што е во пакет заедно со Албанија, па наместо да се поттикне и моќното албанско лоби во светот да притисне двете земји да ги почнат преговорите, не беше искористено ниту тоа.

Лоби-алатката треба посериозно да се искористи

Сега веќе е јасно дека почетокот на преговорите со Унијата станува далечна цел, така што крајно време е и државата да сфати дека без креирање вистински сојузништва и без перманентно лобирање меѓу сојузниците не може да очекува добри вести од Брисел. Иако веќе задоцнето, сепак и сега државата треба да почне да го селектира сиот расположлив човечки потенцијал во земјава и во светот во насока на формирање активни лоби-групи преку кои ќе се наметнува македонската позиција секаде заради исполнување на државните стратегиски цели, не само во насока на почнување на пристапните преговори со ЕУ туку и во насока на воспоставување нови економски и енергетски врски, кои во годините што следуваат ќе бидат исклучително важни. Од таквите лоби-групи зависат и странските инвестиции во земјава, идните трговски врски и сојузништва, соработката во сите сфери, така што крајно време е Македонија да ја разбере вистинската функција на лобирањето и да почне посериозно да го користи ако не сака постојано да се соочува со студени тушеви.
Со констатацијата дека земјава воопшто не го користи лобирањето како алатка за да ги постигне целите кон кои се стреми се согласува и поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и политички аналитичар Ивица Боцевски, кој смета дека кај нас воопшто не се посветува внимание на моќта на лобирањето.
– Потребно е да се направи мобилизација на наши видни луѓе, кои би помогнале во лобирањето за Македонија кај другите земји, но, за жал, кај нас никој не го прави тоа. Тука целосно потфрламе и условно кажано не се мобилизира целиот потенцијал со кој Македонија располага, меѓу кој и во клучните земји на ЕУ – вели Боцевски, притоа додавајќи дека фокусот на овие групи треба да бидат поголемите играчи во рамките на Унијата од кои зависат одлуките, иако не треба да се занемаруваат ниту поранешните југословенски републики и традиционалните земји, кои и досега безрезервно ја поддржувале земјава.
– Имаме наши луѓе што се добро интегрирани и во Франција и во Германија, но и странци што се кон земјава со отворени и убави погледи, така што не си ја користиме компаративната предност. Тие луѓе ако навреме се ангажирале да лобираат во интерес на Македонија, тогаш на земјава немаше постојано да ѝ се случува ова што ѝ се случува, односно да останува заглавена во евроинтегративниот процес – појаснува Боцевски.

Претходно пресретнување и предвидување на состојбите

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции преку своето долгогодишно искуство и контакти со европските партнери, но и преку применувањето на дипломатските практики, посочува дека за да биде ефикасно самото лобирање, треба македонската дипломатија да знае да анализира и да ги пресретнува работите однапред, без да чека до последен момент да види дали некоја земја ќе се смилостиви врз нашата судбина.
– Кај големите земји се во прашање интереси и тие меѓусебно ја имаат релацијата „на ти го, дај ми го“, така што работите така функционирале отсекогаш. Во Македонија ништо не се презема однапред во насока да се активираат тие лоби-групи и да ги пресретнуваат состојбите. Еве, на пример, Франција сега ќе претседава со ЕУ и со години е главен играч во самата Унија, а генерации од 50-тите, 60-тите и 70-тите години на минатиот век големи наши интелектуалци се заминати таму, работат, творат, добро се етаблирани во тамошното општество и никако тие да дојдат до израз, односно Македонија не го користи нивниот потенцијал токму преку лобирање да се стекнува со подобра позиција кај Франција, која заедно со Германија е клучен играч во Европа – заклучува Боцевски.
Несомнено, соло-дипломатијата што се води во Македонија не даде никакви резултати, туку само создава дополнителна конфузија во надворешната политика на земјава, особено во однос на проблемот со Бугарија. Од тие причини, крајно време е да се посвети поголемо внимание на лобирањето кај сите земји што се отворени да ги слушнат македонските аргументи што се во согласност со меѓународното право и кои од никого не треба да бидат игнорирани. На тој начин, вербалната поддршка треба да стане и практична поддршка во моментите кога се носат клучни одлуки, за да не ни се случуваат постојано порази, кои дополнително ја поткопуваат македонската позиција.