Договорот за името со Грција е компромис, со кој и ние и нашите грчки пријатели настојувавме низ сите овие месеци да го зачуваме тоа што ни е најбитно. Ние од наша страна се обидувавме и успеавме да го зачуваме идентитетот и сите атрибути на македонскиот народ, а Грција се обидуваше да добие дистинкција меѓу Македонија – државата и Македонија – регионот во Грција. Тоа е суштината на оваа спогодба, истакна денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров пред членовите на собраниската Комисија за европски прашања.

Димитров еден час зборуваше за процесот за решавање на спорот со името образложувајќи го постигнатиот договор со Грција речиси член по член пред Комисијата, која го усвои Предлог-законот за ратификација на договорот за спорот со името со Грција.

Во своето обраќање, кое на моменти имаше и лични призвуци поради долгогодишната вклученост во процесот, Димитров кажа дека овие денови се историски за Македонија и оти текстот на договорот за него е одговорност, патриотизам и храброст.

Осврнувајќи се на суштинскиот член 1 од Договорот, министерот за надворешни работи истакна дека се предвидува официјалното име на државата да биде Република Северна Македонија или скратено Северна Македонија.

– Дали ова значи менување или значи додавање на одредница пред главната суштина на името Македонија? Северна е географска одредница. Северна е придавка, рече Димитров. Државјанството ќе биде македонско или граѓани на Република Северна Македонија. Официјалниот јазик ќе биде македонски јазик, додаде тој.

Скратената постапка на Предлог законот за ратификација на договорот за името според Димитров е поради тоа што во вторник се одржува Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург и оти е важно Грција навреме да биде известена дека договорот е ратификуван во Собранието за да го информира Советот на ЕУ дека ги повлекува своите забелешки. Јасно е и зошто е европското знаменце, рече министерот посочувајќи и дека на потпишувањето на договорот биле и Могерини и Хан.

– Ова е мојот трет и најголем предизвик да бидам дел од еден нов начин на водење политика, од Влада што реши директно во очи да му погледне на проблемот и да направи се што може за да го реши, проблем што како камен ги влече назад просперитетот, државноста и прогресот, што на некој начин не прави држава со незавршена државност со привремена референца што толку многу години ја гледавме, рече Димитров. Нашата цел, повтори тој, се ЕУ и НАТО.

Според министерот Димитров, во насока на помирување и единство дома важно е да се признае дека „и тие што имаат различно гледиште на овој историски момент и историска раскрсница, исто така се патриоти што гледаат различно на работите“. Можеби не се, посочи тој, сосема свесни за влогот и за иднината, можеби има и недоволна информираност.

– Мислам дека е важно за оваа дебата за оваа толку важно прашање да прифатиме дека сите си ја сакаме нашата Македонија и сите сакаме да успееме и сите сакаме да си го зачуваме идентитетот и да си ги отвориме вратите на нашата иднина заради идните генерации без разлика што можеби различно гледаме, рече министерот за надворешни работи.

Новата политика на одговорност и транспарентност, според него, ја носи Македонија во просперитет, поголема стабилност, безбедност…

– Одговорноста од пропуштање на шансата е голема, особено имајќи ги предвид и глобалниот, и европскиот и регионалниот контекст. Факт е дека членството на Република Македонија во НАТО ќе ја поддржи, ќе ја закрепне, ќе ја обезбеди државноста и безбедноста, факт е дека почетокот на преговори со ЕУ ќе создаде рамки каде старата политика ќе мора да биде заменета со нова политика на одговорност, транспаретност, на владеење на правото, на еднаквост на сите пред законите, особено на политичарите. Тој пат води кон просперитет, вели Димитров.

Ова што денес го правиме, смета министерот, е жртвување на митологијата за реалноста.

– Мене ме навредува и иплицира комплекс на помала вредноста ако не сме цврсти во себе, во својот идентитет, без да лутаме 2000 години наназад. За расчистување со тоа е значајно без разлика на спорот со името и на оваа спогодба што ја потпишавме. И да го немаше тоа, за нашето колективно ментално здравје како македонски народ е важно да бидеме свои на своето и горди со тоа што сме, рече шефот на дипломатијата.

За Димитров оваа спогодба не е идеална, бидејќи е израз на компромис на двете страни.

Иако пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не беа на седницата, министерот одговори на некои од нивните тврдења како тоа дека Владата може да склучува меѓународни договори, а не само претседателот на државата.

– Мене ме чуди што едно раководство што толку длабоко не пикна во дупка, што ги изгуби пријателите, ни ја направи потешка работата заради едномитологијата, сега не само што не помага кога се најдоа луѓе што се спремни да го носат овој товар без да мислат на своето политичко утро, туку и напаѓаат, и одмагаат и ова го нарекуваат дивоградба, капитулација и неуставно… Што правеа толку години, рече Димитров.

Овој процес, продолжи тој, се отвори заради тоа што ние тоа го решивме без притисок од пријателите од Западот.

– Чуствувавме одговорност да се соочиме со таа најголема планина. Премиерот се сложи и мојата прва посета како министер беше во Атина, рече Димитров.

Во однос на референдумот, рече дека нема посвета должност од тоа власта да создаде шанса граѓаните да одлучат за тоа кое ќе биде името на државата.

– Не е спогодбата таа што го менува уставот. Ако ја имаме нивната поддршка ќе работиме на двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени, почитувајќи ги нашите процедури, рече шефот на дипломатијата.

Во однос на тезата на опозицијата дека нема да прифати менување на Уставот заради промена на уставното името, Димитров кажа дека секогаш опфатот и името биле блиски.

– Лично ве убедувам дека ова беше прашање без кое немаше да имаме спогодба, рече Димитров кој доби аплауз на крајот од своето обраќање од бројните пратеници од владејачкото мнозинство кои го следеа.

Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби кој го поздрави договорот ја повика опозоцијата утре да дојде на пленарната седница и да се вклучи во дебатата за досоговорот за решавање на спорот за името.

– Не е фер да се држи во заложништво иднината на сите наши деца, кажа Груби.

На седницата на Комисијата присуствуваше и вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шеќеринска, амбасадорот на Холандија, други претставници на дипломатскиот кор и ЕУ…

Седницата се одржа без присуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која не учествува во работата на Собранието по договорот со Грција за името. На седницата не беше поднесен ниту еден амандман за Предлог законот за ратификација на договорот.

На пленарна седница утре во 11 часот Собранието ќе го ратификува договорот, по што Грција ќе биде известена и ќе треба да го информира Советот на ЕУ дека ги повлекува своите забелешки.