Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, вчера и денеска престојува во земјава на покана на неговиот македонски колега, министерот Никола Димитров.

Како што информираат од ресорното министерство, на средбата меѓу двајцата министри биле разменети мислења за севкупните билатерални односи помеѓу двете пријателски земји, како и за можностите за зајакнување на соработката.

-Ние бевме сојузници од самата независност на државата, а со Ратификацијата го формализиравме тоа сојузништво во поширок евроатлантски контекст. Пристапувањето на Република Северна Македонија во НАТО ќе ја помести државата надвор од регионалните процепи на несигурност и неизвесност и ќе овозможи побезбедна и попредвидлива перспектива, истакнал Димитров на средбата.

На неа било истакнато дека со ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на државава во НАТО од страна на турскиот Парламент, е само потврдена блиската соработка и сојузништво меѓу двете земји кои, како што било речено, сега и формално ќе бидат заедно во НАТО Алијансата.