Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска имаше средба со потпретседателот на 14-то Национално Собрание, Уонг Чу Луу, во чиј состав се пратеници и претставници на региони во земјата.

Како што се наведува во соопштението од МНР, Димитров го истакна значењето и вниманието кое Владата на Република Македонија го посветува на односите со државите од Азија, меѓу кои и Виетнам.

– Активната политичка соработка во изминатата година и поддршката која Република Македонија и ја дава на Виетнам на мултилатерален план се одлична основа за натамошно продлабочување на односите. Соговорниците се согласија дека постои неискористен потенцијал за зајакнување на билатералната соработка во повеќе области, пред се во економијата, образованието, културата и туризмот. За таа цел, се разговараше и за можностите за воспоставување директна соработка меѓу бизнис заедниците од двете земји, кои можат да бидат значајни појдовни точки кон европскиот и кон виетнамскиот пазар, се наведува во соопштението.

Потпретседателот на 14-то Национално Собрание, Вонг Чу Луу, изрази задоволство од традиционалното пријателство меѓу двете земји и нагласи дека целта на посетата е натамошно продлабочување на односите.

– Виетнам позитивно гледа на реформската политика на Република Македонија и изразува поддршка за нејзините надворешно-политички приоритети. Во однос на билатералната соработка, покрај економијата, потпретседалот ги посочи културата, образованието и туризмот како полиња кои нудат широк потенцијал на соработка, се посочува во соопштението.