На многу начини, во овој момент се наоѓаме на ист брод, а нашите обиди се на иста линија, вели министерот за надворешни работи, Никола Димитров во однос на перспективата за завршување на обврските од Договорот од Преспа, во изјава за грчките медиуми, на министерскиот состанок од Солун.

-Тешкотиите со кои што се соочуваме и овие кои гледам дека постојат и во Грција, за мене, докажуваат дека стигнавме до еден добар компромис, што ги покрива најважните прашања и загриженостите на двете страни и остануваме посветени на финализирање на договорот – рекол Димитров во изјавата, пренесе грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во однос на заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, Димитров вели дека минатата средба во Солун била продуктивна и конструктивна и најавува набргу нов состанок, јави дописничката на МИА од Атина.

-Мислам дека повторно ќе се сретнат набргу, на крајот од оваа или на почетокот од следната година. Тие ја одобрија методологијата на нивната работа и мислам дека климата и атмосферата од првиот состанок беа многу охрабрувачки и мислам дека можеме да очекуваме добри резултати – вели Димитров и додава дека целиот процес меѓу двете земји не е лесен, но „не постои друг начин за излез од оваа ситуација, од оној преку вистинско помирување и градење пријателство“.

Шефот на македонската дипломатија, потенцира дека тој е навистина горд што е дел од целиот процес.

Во однос на четвртиот министерски состанок во Солун, со неговите колеги од Албанија, Бугарија и домаќинот Грција, Димитров вели дека разговорите биле корисни, а дискутирале како да се создаде поврзан круг во кој би се работело на поблиски политички релации и пријателство, за да се отворат можности, бизнисите и економијата да донесат конкретни резултати што ќе ги почувствуваат граѓаните, а тоа од своја страна би помогнало да се изградат уште поблиски политички односи.

Шефот на македонската дипломатија пред новинарите коментираше и забележа дека на претходниот министерски состанок во мај имало повеќе медиуми, интересот бил поголем, но тогаш се уште не постоеше Договорот од Преспа.

-Ова веројатно е добар знак, бидејќи она што сакаме да го направиме е да имаме помалку возбудлив регион, да имаме понормални, повообичаени односи – коментираше Димитров и додаде дека Балканот е регион богат со историја, но „покажуваме дека можеме да произведеме и иднина“.

Прашан за потерницата за поранешниот македонски премиер, Димитров вели дека „сите знаеме дека се наоѓа во Унгарија“ и тоа е прашање што е „во фокусот на нашето внимание, на вниманието на регионот, а во изминатите денови и на европско ниво“ и додава дека „владеењето на правото е многу важно за нас“.

-Треба да се соочиме со еден случај, на некој начин, парадоксален, но меѓу владеењето на правото (rule of law) и закон на владетелот (law of the ruler) мислам дека треба да го одбереме владеењето на правото – рекол Димитров, пренесе АНА-МПА.