Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров очекува на утрешната средба со неговиот грчки колега Никос Коѕијас во Охрид да биде постигнат прогрес во решавањето на прашањето за името.

– Прашањето е толку важно што по дефиниција сите рунди разговори се тешки, така што се разбира очекувам темелни разговори. Се надевам на прогрес. Мислам дека однесувањето и на Република Македонија и на нашите соседи од Грција во однос на процесот сигнализира дека процесот е во една деликатна фаза и фокусирани сме токму на овие разговори и се надевам дека ќе ни помогне што оваа рунда се одржува токму во Охрид и духот на тој наш бисер се надевам дека ќе ни помогне – истакна Димитров по средбата со украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од средбата со Коѕијас во Охрид.