Посветеноста на пријателска Германија и подготвеноста да продолжат да го туркаат проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан високо на агендата на ЕУ, дури и по завршувањето на нивното претседавање, е уште една потврда за сработеното од наша страна и потребата од испорачување на обврските од другата, рече вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, на панелот „Германското претседавање со Сооветот на ЕУ: неговите рефлексии внатре и надвор од ЕУ”.

Навраќајќи се на германското претседавање со Советот на ЕУ во изминатите 6 месеци, Димитров нагласи дека Германија уште еднаш на дело ја покажала својата недвосмислена поддршка за нашиот евроинтегративен пат, притоа заблагодарувајќи се за инвестираните напори и германските принципиелни ставови.

„Предизвикот што ни е наметнат е предизвик и за ЕУ и нејзиниот идентитет, но и за нејзините принципи по која ја препознаваме“, додаде вицепремиерот.

Со цел европскиот неуспех да не биде и наш неуспех, Димитров смета дека најдобриот одговор што Македонија може да го даде во ситуација кога постојат објективни пречки на кои не може да влијаеме е пронаоѓање креативни решенија и користење на сите средства кои ни се на располагање за зајакнување на реформската агенда во најзначајните полиња.