Фото: Игор Бансколиев

По покана на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, првпат ќе ја претставува Македонија како полноправна земја членка на НАТО на состанокот на Северноатлантскиот совет (НАК) во формат на министри за надворешни работи.

Поради рестриктивните мерки воведени по пандемијата на коронавирусот, состанокот ќе се одржи преку електронски систем на видеоконференција.

По официјалното зачленување на Македонија во НАТО на 27 март и по церемониите на подигање на македонското знаме во седиштето и воените команди на НАТО, претстојниот состанок е прв работен настан на министерот Димитров, каде што активно ќе учествува во дискусијата по приоритетните прашања и активностите на алијансата.

Највисоко на агендата на утрешниот состанок ќе биде дискусијата за пандемијата на вирусот ковид-19 во рамките на која се очекува министрите за надворешни работи да ги разгледаат можностите за преземање заеднички конкретни мерки и активности во справувањето со овој глобален предизвик.

Од другите теми ќе бидат опфатени прашањата во врска со состојбите и ангажманите на алијансата во Авганистан, пошироката област на Блискиот Исток и Северна Африка, а ќе бидат разгледани и можностите за конкретен придонес за подобрување на состојбите во Сирија.

Предвидено е министрите за надворешни работи да одобрат и неколку усогласени документи во врска со темите што се предмет на дискусија во рамките на НАТО.