Никола Груевски е тој кој што успеа да ја претвори Република Македонија во заробена држава за време на неговото владеење, како што беше посочено и во извештајот на Европската комисија од 2016 година, вели во пишана изјава министерот за надворешни работи Никола Димитров.

– Сите ние овде, но исто така и во Европа, ги слушнавме телефонските разговори кои беа објавени во 2015 година, а кои индицираат огромни злоупотреби на функциите, изборни измами и корупција. Помислата дека авторитaрен владетел, кој оставил зад себе такво наследство, а сега осуденик, од земја кандидат за членство во ЕУ ќе бара спас од раката на правдата во земја членка на ЕУ, не може воопшто да се проголта. Да не го заборавиме и податокот дека, како поранешен премиер, тој исто така користеше и полициско обезбедување составено од полициски службеници кои самиот ги одбрал, коешто ги прави наводите за постоење закани кон неговата лична безбедност целосно лажни – се вели во пишаната изјава на Димитров, околу последните случувања поврзани со екс-премиерот Никола Груевски.