Ја делиме истата судбина со ЕУ, но се уште не сме на масата, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на третиот квадрилатерален министерски состанок на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија, кој се одржува денеска во Солун. 

– Политички ние сме дел од ЕУ, географски веќе сме таму, ја делиме истата економска судбина во однос на трговијата и странските инвестиции. Ја делиме судбината на ЕУ, но не сме навистина на масата, рече Димитров на состанокот, на кој присуствуваа и шефовите на дипломатиите на Грција, Албанија и Бугарија.

Тој им се заблагодари на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и на бугарскиот премиер Бојко Борисов, поради тоа што како земја претседавач со Унијата успеале регонот го стават назад на политичката агенда на ЕУ, а 2018. да ја направат година на можности.

– На состанокот имаме две земји кандидатки и две земји членки. Верувам дека не може да станеме едно вистински среќно место доколку регионот не се движи во заедничка насока, рече Димитров и додаде дека сегашните случувања се позитивен момент за целиот регион. 

Коѕијас, на отворањето на состанокот порача дека предизвиците во светски рамки го принудуваат регионот на ЈИЕ да ја зголеми интеграцијата.

– Промените што се случуваат во светот водат до заклучок дека мораме да ја интензивираме и продлабочиме соработката меѓу земјите од ЈИЕ, рече Коѕијас. 

Тој напомена дека натамошното продлабочување и соработката е особено потребно поради две цели, „ПЈРМ“ и Албанија да станат дел од ЕУ и да се овозможи подготовка за нивната соработка во рамки на Унијата. 

Изрази задоволство што оваа иницијатива, која ја покрена Грција пред околу две и пол години заживеала и станала традиција.

Предложи зајакнување на соработката во справување со прашањето за бегалците и граничната контрола, но и соработка на универзитетите и истражувачките центри, енергетиката и инфраструктурата.  

На шефовите на дипломатиите на четирите земји ќе им се придружат и и министрите за транспорт и за внатрешни работи.

Теми на состанокот се прекуграничната соработка, европерспективите на Западен Балкан, влијанието на случувањата на Блискиот Исток врз регионот, можностите за развивање на сообраќајната инфраструктура. Ќе стане збор и за соработката меѓу полициите, борбата против прекуграничниот и организираниот криминал и справувањето со миграцијата.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска ќе имаат нова билатерална средба во рамките на министерскиот состанок. 

Средбата е можност за продолжување на разговорите за решавање на долгогодишниот спор за името. По средбата предвидена е изјава на македонскиот министер за надворешни работи.

Димитров и Коѕијас повторно треба да се сретнат и следната недела на меѓународна конференција што ќе се одржи во местото Сунио, во близина на Атина.

Министерскиот состанок ќе заврши попладне со заедничка прес-конференција.