Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во врска со новата методологија за пристапни преговори за членство во ЕУ, ги поздрави напорите на Европската комисија за подобрување на пристапниот процес.

– Новата методологија придонесува за зајакната политичка димензија, но исто така и за повеќе динамика, предвидливост и кредибилитет на процесот. Веруваме дека овој обновен пристап ќе резултира со двојна победа во наредните недели: отворање на преговорите заедно во усовршен процес. Ние во регионот немаме од што да се плашиме од воведувањето на реверзибилноста. Најпосле, пристапниот процес постои да ги трансформира реалностите на теренот кон подобро. Повеќе бенефиции за реформаторите и повеќе санкции за оние што одат назад врз основа на кредибилна објективна оценка за напредокот е чекор напред. Крајно време е за лансирање здрава реформска конкуренција во нашиот регион – соопшти Димитров.