Вчера на Карловиот Универзитет во Прага, министерот за надворешни работи, Никола Димитров имаше настап на панелот „Неисполнетото ветување на ЕУ за Западен Балкан – време за стратешка одлука во рамки на Хрватското претседателство со ЕУ” што беше дел од дебатата насловена „Заживување на агендата на проширувањето на ЕУ: 2020 – нова можност за Западен Балкан” во организација на Европскиот институт за политики – ЕУРОПЕУМ.

На аудиториумот составен од претставници на тинк тенк заедницата, академската заедница, невладини организации, дипоматскиот кор, Димитров им го претстави македонскиот случај во контекст на евроинтегративниот пат и предизвиците на истиот.

Запознавајќи ја публиката со историскиот и политичкиот контекст од независноста и реактуелизирањето на политиката на проширување, Димитров го потенцираше претстојниот период како есенцијален, каква што е и корелацијата на резултатите и временската рамка од пролетната агенда на ЕУ.

– Атрактивноста на ЕУ е во нејзиниот наратив, но за истиот да биде одржлив ни треба повеќе од ветување на хартија. Партнерствата се валоризираат низ призмата на ветувањата и очекувањата. А нашите очекувања од ЕУ се повеќе од оправдани – рече Димитров.

Копанелестите, чешкиот заменик-МНР Алеш Хмелаж, директорот на институтот Владимир Бартовиц, Јана Јузова, експерт за Западен Балкан во Еуропеум и соговорниците од публиката во разговор со Министерот Димитров ја коментираа позитивната динамика на политиката на проширување од октомври минатата година, што им дава за право да очекуваат наскоро и позитивен исход за Македонија.

Во рамки на првиот ден од работната посета на Прага, покрај билатералната средба со чешкиот МНР Петричек и учеството на панелот, Димитров имаше средби и со претседателот на Долниот дом на чешкиот Парламент Радек Вондрачек и со државната секретарка за европски прашања Милена Хрдинкова на кои беше изразена силна поддршка за Македонија за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, поздравени реформските постигнувања и добрососедските односи.

МНР Димитров ќе учествува на годишниот состанок на Министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група – V4 и земјите од Западен Балкан – WB6, којшто се организира во рамки на Чешкото претседавање со Вишеградската група.