Бугарија поради македонскиот јазик и македонската историја одлучи да ги блокира преговорите на Македонија со ЕУ. Во интервју за сараевската „Н1“ потпретседателот на Владата, Никола Димитров открива што е позадината на овие барања и како гледа на иднината на европскиот процес на Македонија, но и на остатокот од регионот.

– Прашањето на јазикот и на идентитетот е во срцето на домашните прашања, суверенитетот на една држава, бидејќи е израз на правото на самоопределување. Во таа смисла, ниту еден сосед, ниту една држава нема правна основа во меѓународното право, па и во европското право, нам, на Македонците да ни кажува нешто околу македонскиот јазик. Тоа е наша работа. Многу е тешко за нашите граѓани да разберат, па и за мене искрено кажано, како може македонскиот јазик да е пречка за почеток на пристапни преговори за интеграција со една унија каде што јазичната различност е една од фундаменталните, темелните вредности.

Исто така е тешко да разбереме како може македонскиот јазик да е пречка за добрососедски односи, кои што за да бидат вистина добрососедски, мора да почиваат на меѓусебна почит. Ако јас вам ви кажам каков јазик зборувате или не зборувате тоа значи дека не ве почитувам. Во таа смисла се соочуваме со еден сериозен предизвик. Ние имаме комисија за историски прашања што ја формиравме врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со соседна Бугарија, со Софија. Идејата беше за историјата да разговараат историчарите, а политичарите за денешницата и за подобро утре. Ние на Балканот имаме многу богата историја, меѓутоа како што често вели еден мој пријател: убаво би било таа историја да биде учител, а не затвор – рече Димитров.

Тој е дециден дека решението не може да влијае врз нашето право на самоопределување. Македонскиот идентитет, вели Димитров, е резултат на еден историски процес и едноставно ние како политика не можеме за тоа ниту да разговараме ниту да преговараме.

Тој вели дека ние нема да дигнеме раце и да се откажеме од нашата европска иднина, ниту пак да дозволиме да биде допрен македонскиот идентитет.

Димитров потенцира дека еден од аргументите е дека ние со Бугарија сме сојузници во НАТО,

– Нашиот јазик, македонскиот јазик и македонскиот идентитет не е закана за никого, за ниту еден сосед, ние не се мешаме во јазиците и во идентитетите на било кој друг, 2020 година сме, во Европа сме, 21 век, дискусијата на државите би требало да се одвива во рамката на тоа што е пристојно, во рамката на меѓународното право, на европските вредности. Разговараме многу за заедничка историја, за заедничко минато, меѓутоа треба да работиме и на заедничка европска иднина. Кога седите на масата, се разбира позицијата ви е посилна.

Ние седиме на масата на НАТО и тука сме рамноправни, нормално дека во преговарачката позиција на Софија таа има подобра ситуација бидејќи е членка на ЕУ, меѓутоа суштински и долгорочно мислам имаме многу блиски интереси. Сакаме да бидеме пријатели, сакаме да имаме плодна економска соработка, мислам дека Бугарија има интерес од европеизација на своето соседство, на регионот каде и тие се дел на да речеме поширокиот регион на Балканот или Источен и Западен Балкан.

Порано или подоцна мислам дека ќе најдеме заеднички јазик. Во крајна линија, македонскиот и бугарскиот јазик се блиски и тоа би требало да ни помогне да се разбереме подобро, а не јазиците да бидат предмет на неразбирање – изјави Димитров.