Министерот за надворешни работи Никола Димитров, по покана од министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, вчера во Солун учествуваше на конференцијата на високо ниво посветена на европската перспектива на Западен Балкан „Од Солун до Загреб”.

– За да може да се продолжи да се говори за европската перспектива на регионот, неопходно е постигнување консензус за зелено светло за почеток на пристапни преговори со Македонија без одложување. Март ќе биде тест и за геополитичките амбиции на новата комисија и на самата ЕУ за кредибилно глобално влијание. Што се однесува до нас, не сме совршени, но сметам дека сите ќе се согласите дека изградивме силно досие и испорачавме. Крајно време е и да се препознае важноста на моментот од страна на Европскиот совет и да се зграпчи шансата за заеднички успех – рече Димитров.

На конференцијата, меѓу другото, министрите за надворешни работи од регионот на Западен Балкан и од земји-членки на ЕУ што граничат со регионот заеднички се заложија за силна, стабилна и обединета Европа.