Македонија ќе продолжи со обидите да бара достоинствено решение, почитувајќи го нашето право на самоопределување, во рамките на европските принципи, истакна вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров кој денеска учествуваше на Европскиот самит во Прага на панелот насловен: „Обновувањето по кризата предизвикана од ковид-19, како можност за посилна Европа од перспектива на земјите од Западен Балкан”.

Осврнувајќи се на процесот на проширување, Димитров нагласи дека соочувањето со своите предизвици одвантре, оди рака под рака и со европскиот проект чија суштина е стабилноста, мирот и европскиот начин на живот кој се отсликува преку демократија чие начело е владеење на правото.

– Непосветувањето вистинско внимание, неангажирањето во земјите од регионот кој што географски му припаѓа на Европа, би претставувало стратешка грешка на Европската Унија. Кога не зборуваме гласно во одбрана на европските принципи ЕУ ослабува, без разлика дали сме граѓани на земја членка или земја кандидат за членство во Унијата. Задачата на проширувањето како европска политика е примена на нејзините вредности и тој процес не треба да биде во заложништво на билатерални прашања – рече Димитров.

Тој нагласи дека без разлика на исходот, европеизацијата на нашето општество, останува клучна цел на Владата. Реформите ќе продолжат, бидејќи вистинската цел на пристапниот процес всушност е токму европеизацијата, внесувањето на европските стандарди дома. Во тој процес, истакна Димитров, секоја помош од нашите пријатели ќе биде добредојдена.

Тој нагласи дека справувањето со глобалната пандемија предизвикана од КОВИД 19 ја покажа солидарносноста на дело.

– Европската Унија справувајќи се и самата со предизвиците од ковид-19, неодамна одобри Економски инвестициски план, со цел да го поттикне долгорочното економско закрепнување на регионот, но и да ја поттикне регионалната економска интеграција преку обезбедување на грант во висина од 9 милијарди евра во рамките на ИПА III, средства кои се од витално значење за закрепнувањето на економиите на земјите од Западен Балкан. Оваа финансиска помош е доказ за поддршката на ЕУ за Западен Балкан, која воедно има свој придонес и во зајакнувањето на меѓусебното партнерство – додаде Димитров. Во оваа насока тој потенцираше дека заедничкиот одговор во борбата против ковид-19, всушност потврди дека координираните политики и мерки може да го олеснат и да го забрзаат социоекономското закрепнување.