Со средбата со државниот секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Клеман Бон, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров денес во Париз ја започна дводневната посета на Франција, прва посета на земјата по формирањето на новата Влада.

Централна тема на разговорот беше француската поддршка во контекст на успешното заокружување на нашата европска приказна годинава.

– Принципелната француска поддршка изразена и преку обновениот пристап за преговори, е уште еден значаен елемент во клучниот период за усвојување на документот кој ќе го овозможи почетокот на преговорачкиот процес оваа година. Елемент кој ни дава за право да веруваме во успехот што ѝ треба и на Европа – истакна Димитров.

Тој ја потенцираше улогата на Франција како еден од стожерите на Унијата.

– Колку поскоро земјите членки ќе постигнат консензус за Преговарачката рамка, толку побрзо ќе може да ја отпочнеме последната фаза од пристапните преговори и од успешната трансформација на нашето општество. На овој начин ќе се испрати позитивен сигнал и на регионот дека европеизацијата е единствениот пат за темелно зајакнување на демократските процеси и овозможување на економски раст и развој, а со тоа и подобрување на животниот стандард за граѓаните – порача вицепремиерот Димитров од Париз.

Соговорниците се согласија дека со усвојувањето на рамката и одржувањето на првата Меѓувладина конференција ќе се валоризираат сите напори и успеси што ги постигнавме изминатиов период и од аспект на реформите, но и во однос на затворањето на билатералните прашања со соседите. Достигнување на Македонија, но успех и на Европската Унија и нејзините земји членки – заеднички констатираа Димитров и Бон.

Од француска страна беше реафирмирана подготвеноста за помош во реализирањето на она што ќе претставува заеднички успех и дека преговорите ќе ја следат новата методологија која што ќе придонесе за зајакната политичка димензија и предвидливост на процесот.