Европската комисија го усвои предлогот на Преговарачката рамка и од денес таа е во рацете на земјите-членки, соопшти министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Како што појасни тој, Преговарачката рамка од страна на ЕК е прилагодена врз основа на новата методологија за пристапниот процес.

– Суштината на предложената Преговарачка рамка, за којашто, според последните информации, веќе следната недела во Брисел ќе се разговара од страна на земјите членки на експертско работно ниво е европските стандарди да си ги донесеме дома. Пред се’ демократските принципи и вредности поврзани со владеењето на правото, како и економските реформи – посочи министерот.

Тој додаде дека ова се случува токму на денот кога претседавањето со Советот на ЕУ го презема Берлин и изрази уверување дека со германска поддршка во следниве месеци ќе биде отвориме првата Меѓувладина конференција.

– Во тој момент започнува конкретното одвивање на пристапниот процес преку завршување на скрининг процесот и отворање на првиот кластер наречен – Основни вредности кој ги третира клучните реформски области од Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права, Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, Економските критериуми, Функционирањето на демократските институции, Реформата на јавната администрација, Поглавјето 5 – Јавни набавки, Поглавјето 18 – Статистика и Поглавјето 32 – Финансиска контрола – појасни Димитров.