фото Игор Бансколиев

Договорот е клуч кој отвора врата кон ЕУ, а пак земјите членки ќе ја препознаат шансата да обезбедат иднина за Унијата, порача денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров по потпишувањето на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство во интервју за Телевизија 24.

– Меѓу главните мотиви зошто овој договор го правиме е да ја отвориме вратата кон Европската Унија. Имаме девет позитивни извештаи, препораки за почеток на преговори, кандидат сме од 2005 година односно веќе 13 години. Вратата беше заклучена поради спорот околу името и сега кога го најдовме клучот и ја отвораме таа врата ќе биде многу лошо ако има уште една врата зад неа – рече Димитров.

Во однос на некаква друга блокада од земјите членки на ЕУ за Македонија, Димитров рече дека прашањето и влогот е преголем за било која земја членка, особено за тие што се столбови на иднината на Европа и кои носат посебна одговорност каде оди ЕУ.

– Мислам дека ќе ја препознаат шансата и ќе бидат дел од овој заеднички успех, потенцира Димитров.